Претседателот Стево Пендаровски денеска во Охрид оствари средба со Габриел Ескобар, заменик-помошник државен секретар на Соединетите Американски Држави.
Соговорниците се согласија дека билатералните односи се одвиваат со одлична динамика како потврда за долготрајното македонско-американско партнерство и пријателство.
Во однос на аспирациите за членство во Европската Унија, претседателот Пендаровски информираше за одвивањето на скрининг процесот и следните чекори кои треба да бидат преземени за напредок во евроинтегративниот процес.
На средбата се разговараше и за актуелните состојби во регионот, во светло на состанокот на високо ниво од дијалогот помеѓу Белград и Приштина на кој учествуваат претседателот на Република Србија Александар Вучиќ и премиерот на Република Косово Албин Курти, а кој се одржува во Охрид под покровителство на Европската Унија.
Во таа насока претседателот Пендаровски истакна дека одржувањето на преговорите во Охрид е признание за нашата земја, која во изминатите години направи повеќе компромиси за одржување на долготрајната стабилност, европската и евроатлантска интеграција, демонстрирајќи дека може да функционира како вистинска мултиетничка демократија. Тој додаде дека прашањето на дијалогот Белград-Приштина е исклучително важно регионално прашање чиешто решавање може да помогне за трајна стабилизација на регионот и негова побрза европска и евроатлантска интеграција.