DW: Опасност од ширење на кризата во банкарскиот сектор

По турбулентниот викенд, финансиските пазари нервозно реагираа на веста за спасување на швајцарската банка Кредит Свис. На пазарите европските банкарски акции значително паднаа, пред нивните цени да се стабилизираат. Но, останува големо прашање за тоа постои ли опасност од ширење на најновите кризи во банкарскиот сектор, објави DW.

Непосредно ширење на криза во Европа поради проблеми кај неколку регионални институции во САД е исклучено, сигурни се стручњаците. Речиси нема деловни допири со тие банки, се истакнува со дополнување дека пред сѐ структурата на влегување во ризик не може да се спореди со европскиот финансиски сектор. Во потрага по поголеми добивки, тие институции вложиле големи финансиски средства во ризични инвестиции, кои во време на криза можат да се продадат само со големи загуби. Тоа е еден од проблемите кој на крај доведе до колапс на Банката на Силиконската долина (СВБ). Европските банки од друга страна, не вложуваа во голем стил во ризични инвестиции, кои би можеле да прераснат во проблем во евентуална криза.

Додека директно ширење на криза во таа бранша од насока на САД, во голем дел може да се исклучи, вистинска опасност се крие во темелите на секое банкарско работење: во довербата дека тие финансиски куќи во секој момент ќе можат да ги исполнат своите обврски. Таа доверба во изминатите денови беше нарушена.

Дека Кредит Свис мораше да биде спасувана токму сега, не е случајност, туку директна последица на нескладот во САД, иако овој случај инаку нема врска со тамошните проблеми. Оваа швајцарска банка фактички со години се бореше со интерни проблеми, кои, со оглед на актуелната криза на доверба, веќе не беа под контрола. Типично е исто така што таа некогаш горда банка, дури неодамна, а со тоа предоцна, призна „значајни слабости“ во својата интерна финансиска контрола.

Текстот во целост на: DW.