По објавата на извештајот на Државниот здравствен и санитарен инспекторат за направената вонредна инспекција во Клиничката болница во Битола во врска со смртта на шестгодишната Јана Христовска, доктор Нико Беќаровски од Клиниката за токсикологија го коментира случајот, застанувајќи во одбрана на лекарите кои го лекувале девојчето.
Д-р Беќаровски вели дека секој доктор добро ја знае траумата кога „го давате најдоброто од себе, а сепак го губите пациентот“, а додава дека особено трауматично е кога станува збор за мало, беспомошно девојче.
„Секој доктор кој ќе го прочита извештајот од ДСЗИ ќе се сложи дека колешките од Битола го направиле максимумот кој го имале на располагање. Секој здравствен работник добро знае каква траума е кога го давате најдоброто од себе, а сепак пациентот го губите. Можете само да претпоставите каков е шокот кога тоа е младо беспомошно девојче кое починува во Вашите раце“, пишува д-р Беќаровски на Фејсбук.
„Секој од нас во својата кариера се соочил со вакви траорни моменти на немоќ и покрај енормниот вложен труд и желба да го направи најдоброто. Тоа се Тие моменти кога искрено сакате никогаш да не сте го облекле белиот мантил, а оставаат лузни кои никогаш не исчезнуваат. Со денови, месеци, некогаш и години се преиспитување дали сте можеле да постапите поинаку. Не е случајно што просечниот докторски живот е пократок за цели пет години од просечниот животен век“, додава тој.
Докторот посочува дека иако може да го разбере, не може и да го оправда гневот на сите оние кои овие денови „рафално стрелаа по белиот мантил без релевантни податоци“. „Народот е гневен од целокупната состојба и бара жртви“, пишува Беќаровски.
„Но, дали за момент помисливте дека тие две докторки имаат семејство, деца? Дали поверувавте дека две докторки кои се и мајки, ќе се однесуваат несовесно кон беспомошно шестгодишно девојче?“, прашува тој.
„Можеби некогаш ни фали повеќе знаење, многу почесто ни фали модерна и брза дијагностичка апаратура која ќе ни помогне да дојдеме до вистинската дијагноза, за жал не така ретко ни фали и соодветна терапија, која знаеме дека ќе помогне но ја немаме, но верувајте за овие 34 години носење на белиот мантил, ретко сум видел колеги без емпатија кон вистински болните пациенти. Да, и ние понекогаш грешиме, бидејќи не сме совршени, уште помалку безгрешни богови. Да, треба да бидеме напаѓани и плукани секогаш кога нема да има максимална совесност, бидејќи ни го давате на доверба најскапото, Вашиот или животот на Вашите најмили, но немојте да жигосување по првите сензационални написи по порталите“, пишува д-р Беќаровски.
Тој додава дека вистината секогаш на крајот излегува на виделина, но траумите нанесени на инволвираниот персонал остануваат, а премногу малку бели мантили останавме.
„На крајот, моето најдлабоко сочувство до семејството на починатото ангелче и искрена подршка за колегите од битолската болница кои не го затемнија белиот мантил, а преживеаја невидени стресови“, додава докторот.
foto FB