(ФОТО) Еве како изгледал првиот театар во Скопје изграден 1906 година.

0
171

„27 март“ е Светски ден на театарот. Првиот театар во Скопје бил изграден во 1906 година за време на валијата Махмуд Шефќет-паша и го носел името „Градски театар Шубан и Ватан (Младина на татковината)“.

Се наоѓал на кејот на Вардар (каде што е денешната зграда на МОБ) во близина на кахвехането Ада. Театарот бил изграден од дрво, со многу скромни декорации, поради недостиг на средства. Градбата имала правоаголна форма и била со димензии 20 метри ширина, 37 метри должина и 14,5 метри висина. Објектот имал партер, галерии и повеќе од 20 ложи.

Сцената била изработена во Диселдорф, била широка и опремена со богата декорација. Гледалиштето имало капацитет за 700 гледачи. Салата била осветлувана со гас-ламби, а греењето било со обични печки и честопати не задоволувало.

Пред театарот имало градина со шадрван. Во овој театар се изведувале претставите на тогашните најпознати османлиски автори Шемседин Сами, Намик Кемал, а гостувал и познатиот актер Бурханедин ефенди. Гостувале повеќе познати театарски трупи како Микајан, Сеферија, Ахмет Фехми итн.

Во театарот се одржувале и балови, хорски концерти, а имало и филмски проекции. Театарот бил уништен во пожар во 1913 година, по само неколку години од неговото основање.

Извор и фотографија: ЦЕИПА