Речиси половина од дискусијата на денешната средба во Скопје меѓу министерот за надворешни работи Бујар Османи и албанската министерка за Европа и за надворешни работи Ољта Џачка бил посветен на обидите за тивка асимилација на Македонците во Албанија од страна на Бугарија.
Ова денеска на прес-конференција го изјави Османи, одговарајќи на новинарско прашање во врска со поплаките на Македонците во Албанија за бугарска асимилација и притисокот од Бугарија. Тој истакна дека е побаран став од Тирана, а според информациите на Џачка станува збор за спорадични случаи.
Побаравме мислење, став од Република Албанија, меѓутоа информациите на министерката се дека досега таквите случаи се само спорадични, при што е направен обид за искористување на еден вакуум меѓу носење закон и подзаконски акт кој ќе се обидат да го адресираат. Во Министерството постои работна група која на дневна основа ги следи тие текови, предлага конкретни чекори, а наскоро исто и Владата ќе расправа на таа тема, информира Османи.
Тој напомена дека ги претставиле забелешките и информациите и побарале поддршка за Македонците во Република Албанија.
Јас ги посетив минатата година и направивме владин план за поддршка на Македонците таму. Тоа што е различно во Албанија, од истите слични обиди и во Македонија и во други држави е што се инсистира во таа изјава за себедекларирање да се потврди и во локалните општински власти, што е еден нов момент на вклучување на државата во таквите изјаснувања, рече Османи.
Министерка Џачка на прашањате што прави албанската Влада околу тоа истакна дека станува збор за спорадични случаи.
Имам информации за некои спорадични случаи кои ги разгледуваме, во тесна координација сме со институциите на Македонија за да видиме што се тие, кој се самоопределил или колку е голем овој процес, но според досегашните сознанија не е голем. Секоја информација која ќе ја имаме во реално време брзо ќе ја споделиме со колегите од Македонија, рече Џачка.
Таа додаде дека Албанија никогаш не замижала пред официјална Софија.
Спротивно на тоа сме биле доста гласни, Албанија била доста гласна дека една членка на ЕУ не може да блокира процес на евроинтеграција на Албанија и на Македонија преку историски основи или политички калкулации. Тоа значи дека ова е процес на меритократија, ние ги исполнуваме сите наши обврски, ги извршуваме домашните задачи. Мигот каде што сме денеска е нешто што има геостратешко значење, особено поради војната на Русија во Украина, што предизвика освестување кај Европа дека и е потребен многу поактивен пристап кон земјите од Западен Балкан. И во однос на тоа што се случува денеска со дијалогот Косово-Србија, кој има потенцијал да ја нормализира оваа состојба, но и со другите елементи кои ги спомнавме, со стаусот на кандидат за членство на Босна и Херцеговина, се на се зголемена е свесноста дека процесот на проширување е тесно поврзан со безбедноста и сигурноста не само на регионот, туку и на самата ЕУ, изјави Џачка.
Албанската министерка нагласи и дека денешниот настан има големо геостратешко значење.
Доколку сме одговорни и свесни ние кои сме дел од овој процес за задачите и обврските, кои треба да ги исполниме, тогаш одговорни и свесни треба да бидат и земјите-членки на ЕУ. Спречувањето на овој процес не им штети само на нашите држави, туку и на просперитетот, стабилноста и сигурноста на самата Европска Унија, оцени Џачка.