Јубилеј од 30 години на македонскиот весник „Преспа“

Во селото Долна Горица, општина Пустец, областа Мала Преспа,
Албанија, во организација на Заедницата на Македонци во Албанија,
редакцијата на весникот “Преспа”, заедно со македонското друштво
“Сонце”, се одржа свечена академија посветена на 30-годшнината од
излегувањето на весникот на македонски јазик во Албанија –
“Преспа“.
За историјата и предизвиците на весникот “Преспа“ зборуваше главниот и
одговорен уредник Ефтим Митревски, а за неговото значење во Албанија
пригоден реферат имаше м-р Васил Стерјовски, претседател на
единствената македонска партија во Албанија – Македонска алијанса за
европска интеграција.


Весникот на македонски јазик “Преспа“ е основан од Спасе Мазенковски,
кој почина на 30 мај 2018 година. Во присуство на Македонци од Мала Преспа, на академијата
присуствуваа амбасадорот на Македонија во Тирана, Данчо Марковски и
државниот секретар на Министерството за надворешни работи на Македонија, Филип Тосевски, градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски, градоначалникот на општина Пустец, Пали
Колефски, претседателот на Здружението на Македонците од Егејскиот
дел на Македонија “Мирка Гинова“ од Штип, Стојан Димков, членот на
претседателството на Сојузот на здруженијата на Македонците и децата
бегалци од Егејскиот дел на Македонија МАКЕДОН, Трајчо Димков,
преставничката од македонската заедница во Комитетот за националните
малцинства во Тирана, Марјана Костофски, Илинден Спасе, синот на познатиот писател од македонско потекло Стерјо Спасе.

Во своето обраќање пред присутните, м-р Васил Стерјовски рече:
“Почитувани гости, драги пријатели, ми причинува особена чест и
задоволство во името на единствената партија на Македонците во
Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција,

да Ве поздравам
на овој убав јубилеј, 30 години од основањето на македонскиот весник
“Преспа”. Денеска е ден за славење за Македонците во Албанија. Денес,
се прославува 30 години од основањето на првиот печатен весник на
македонски јазик во Албанија весникот “Преспа“. “Преспа” е весник кој
го основа Спасе Мазенковски и кој се вгради себеси во весникот се’ до
денот кога прерано не’ напушти на 30 мај 2018 година, оставајќи
неизбришливи траги во историјата на Македонците во Албанија.
Весникот “Преспа“ ја поврза својата судбина и живот со животот и
судбината на Македонците во Албанија и успеа да стане глас на Македонците во Република Албанија. “Преспа” во изминатите 30 години
опфати теми од сите области на животот на Македонците во Албанија,
давајќи голем придонес во евидентирањето и надминувањето на голем
број прашања од интерес на Македонците. “Преспа” е весникот со кој
пораснавме. Секој број на весникот “Преспа” со нетрпение се чекаше од
читателската публика без разлика на возраста. Историјата на весникот
“Преспа” е историја на Македонскиот народ во Албанија. Овој весник, кој
беше прв весник на македонски јазик за Македонците во Албанија, имаше
големо значење за заштитата на македонската култура, традиција и
идентитет на Македонците во Албанија. Тој не само што не’
информираше со најновите вести и информации од македонската
заедница, туку и го потенцираше значењето на нашата култура и
идентитет во албанското општество. Македонците во Албанија се
соочуваа со многу предизвици во минатите години, но “Преспа“ им беше
прекрасен извор на поддршка и инспирација. Овој весник ни даде глас и
ни помогна да се слушнеме и разбереме ние Македонците во Албанија
меѓусебе. Да се опстои 30 години без никаква финасиска поддршка од
државните институции на Албанија, низ сите предизвици кои минале и се’
уште минуваат Македонците во Албанија, а заедно со нив и “Преспа“, е
навистина голема и одговорна работа и за тоа треба да се заблагодариме
на сите кои дале свој придонес да не згасни овој весник. Честитки за
главниот и одговорен уредник Ефтим Митревски и целата редакција на
весникот “Преспа”. Да славиме уште многу јубилеи на “Преспа” и сите
заедно да продолжиме да го одржуваме овој македонски бренд во
Албанија’, – заврши претседателот на Македонска алијанса за европска интеграција М-р Васил Стерјовски.

Поздравна телеграма до редакцијата на весникот на македонски јазик
“Преспа“ со желби за натамошна успешна работа и плодни резултати
упати Светскиот Македонски Конгрес.

 

makedonium.net