МЕПСО: Не е точно дека Управниот одбор простил долг од 14 милиони евра, направена е „резервација“ на средбата

Државното акционерско друштво реагира дека не е точно оти членовите на Управниот одбор простиле 14 милиони евра долг на приватни трговци со струја, туку велат дека истите пари биле резервирани.

„Невистинити се тврдењата дека Управниот одбор на АД МЕПСО отпишал, односно простил околу 14 милиони евра долг на свои должници, а сето тоа поткрепено во медиумите со исечок т. е. дел од одлука на Управниот одбор на АД МЕПСО, каде што јасно стои дека се врши ’резервација‘ на средства, а не отпис или простување на истите, што се сосема различни термини кои мора да се разликуваат“,

велат од МЕПСО.
Реакцијата од компанијата доаѓа откако Државниот завод за ревизија (ДЗР) денеска објави извештај за финансиското работење и усогласеноста за 2021 година на АД МЕПСО, каде што меѓу клучните наоди е дека од вкупно 15 милиони евра долг на трговци со електрична енергија, им биле простени 14 милиони.

Како што објавивме, станува збор за трговци кои решиле да ја користат балансната енергија од системот на МЕПСО бидејќи беше далеку поевтина од цената на берзите, која инаку не е предвидена за снабдување на стопанството. МЕПСО, пак, позајмуваше од Европскиот енергетски систем. Штом европската заедница разбра што се случува, ја предупреди земјава дека ќе плаќа огромни пенали.

МЕПСО, според Ревизија, во еден момент ги раскинува договорите со четири компании трговци со електрична енергија, со што им ја ускратува можноста за користење на балансна енергија и практично ги исфрла од пазарот со струја. Но, долговите останале. Како резултат на приклучувањето и користењето на струјата од државната компанија, МЕПСО од овие компании побарува 15 милиони евра. Во ревизорскиот извештај се нотира дека:

„Во услови кога се забележани тешкотии во наплатата на побарувањата, Секторот за финансиски работи доставил барање до УО на АД МЕПСО со предлог за нивна резервација. Со одлука на УО побарувањата биле резервирани, за што соодветно се евидентирани трошоците и извршен е отпис по пат на исправка на вредноста и истите се искажани како непризнаен расход во даночниот биланс“,

пишува во извештајот на ДЗР.

Покрај за ова, од МЕПСО реагираа и во врска со тоа дека во извештајот од ДЗР се нотира оти раководните лица на МЕПСО, т. е. директорите и членовите на Управниот одбор, имаат склучено менаџерски договори со кои им следува „апанажа“ во износ од просечната плата на МЕПСО (просечната плата во МЕПСО според ревизорите изнесува 70 000 денари месечно) во траење од 12 месеци по нивното заминување од функцијата, без разлика дали тие се вработени еден месец или повеќе години во Акционерското друштво. Со одлука која била донесена годинава, делумно се смениле критериумите, па така, за да добијат отпремнина, треба да бидат дел од раководството најмалку 6 месеци. Овие информации биле откриени од страна на ревизорите откако двајца поранешни функционери ја тужеле МЕПСО по овој основ, и како отштета на суд добиле околу 37 000 евра.

Во реакцијата од МЕПСО појаснуваат дека само на едното лице е исплатена отпремнина врз основа на правосилна пресуда, додека на другото тужбата била одбиена. Исто така, нагласуваат дека менаџерскиот договор во МЕПСО е ист како и во другите државни компании и акционерски друштва и оти правата на отпремнина се остваруваат само доколку им биде прекинат мандатот, пред неговиот истек, т. е. доколку мандатот им прекине пред истек на периодот од 4 (четири) години.

 

360stepeni