VOA: Месечно и до 350 јавувања на СОС линијата за жртви од семејно насилство

0
119

Месечно и до 350 јавувања се случуваат на бесплатната СОС линија 141 700 наменета за помош на жртвите од семејно насилство. Линијата постои од 1994 година, активна е 24 часа и може да се добие со вртење од кој било мобилен оператор, без никаков префикс.

„Може бројот на жртвите да е до 100, додека останатите јавувања може да се и по неколку пати од иста личност, бидејќи или насилството се повторува или, пак, жртвата има потреба од дополнителни информации“, објаснува Савка Тодоровска, претседателка на Националниот совет за родова рамноправност, објави Глас на Америка.

Операторки на телефонската линија се жени и девојки од Националниот совет за родова рамноправност. Тие се првата подадена рака и првиот даден совет до жртвата од семејно насилство. Разговорите ги водат на македонски, албански, турски и на ромски јазик.

„Во вакви моменти ние сме мостот меѓу жртвите и институциите. Веднаш ги советуваме да се јават во полиција. Во случај кога тие не можат, се јавуваме ние, за безбедно и навремено да излезат од средината. Во такви случаи нема многу време за совети, туку реагираме брзо за жртвата да биде доведена на безбедно“, вели Азра Милаими Реџепи, операторка на СОС линијата за жртви од семејно насилство.

Советот го води Савка Тодоровска, активистка за родова рамноправност уште од осамостојувањето на државата.

„Не можеме да броиме дали насилството е зголемено или намалено, бидејќи до тогаш немало евиденција. Не постела ниту буква ‘н’ од насилство, ниту законска регулатива. Но, од тоа прво отворање на линијата, ние можеме да говориме колку е подигната свеста за да не го трпат насилството“, објаснува Тодоровска.

Неодамна оваа организација отвори и Советувалиште за психо-социјална и правна помош. Само во текот на минатиот месец во советувалиштето имале девет пријавени случаи. Притоа една жена била згрижена и во кризен центар.

Текстот во целост на:  Глас на Америка.