Грчките острови се соочуваат со сериозен недостаток на лекари

Грчките острови се соочуваат со сериозен недостиг на лекари и други медицински експерти, објавија локалните медиуми денес, пренесува Анадолу.

Весникот „Катимерини“ објави дека островот Лемнос во североисточниот дел на Егејското Море, останал без анестезиолог, бидејќи единствениот специјалист на островот заминал на боледување.

Директорот на болницата на Лемнос, Константинос Кацигијанопулос, изјавил дека островот ќе биде без анестезиолог во текот на велигденските празници, како што тоа било случај 15 дена во текот на Божик.

„Отсуството на анестезиолог предизвикува домино-ефект врз многу функции во болницата“, нагласи Кацигијанопулос.

Слично на тоа, островот Кос на кој живеат 40.000 луѓе, една година немаше постојан патолог.

На Санторини, еден од најпопуларните острови во Грција, единствениот 72-годишен анестезиолог ја напуштил работата, а покрај тоа, болницата и понатаму е без патолог.

Грчкото медицинско здружение ја повика Владата да спроведе реформа на законот за поттикнување на лекарите, за да ги привлечат и задржат лекарите на островите.

извор:Анадолу.

фото:Анадолу.