Извршувањето, (односно) поминувањето под гробот на Велики Петок, е всушност верувањето на верниците дека тоа го прават за здравје, среќа, а според некои и за простување на гревовите. Овие толкувања се поврзани од настаните и случувањата на Велики Петок.
Гробот кој е специјален само за тој ден, односно направен само за Велики Петок, е местото каде се поставува светата Плаштаница.
Во Петок наутро пред почетокот на службата, во средината на храмот се издигнува (поставува) гробот Христов, украсен со цвеќиња, а на престолот се поставува Плаштаницaта – т.е. платното, со кое е било завиткано телото Христово по симнувањето од крстот. Плаштаницата претставува парче платно, на кое е насликан (или извезан) ликот на положениот во гроб Спасител. На платното се става Евангелието, Крстот и многу цвеќиња.
Христијаните доаѓаат во храмот и носат цвеќиња, како што се оди на погреб на близок и на мил (драг) човек. Пристапуваат со молитва кон поставениот Христов гроб, и побожно се поклонуваат пред Плаштаницата. Го бакнуваат поставеното Христовото Тело извезано на оваа Плаштаница, го бакнуваат и Евангелието и крстот и ги оставаат цвеќињата. Потоа се наведнуваат и поминуваат под поставениот гроб. На овој начин го изразуваме нашето почитување, смирение и тага пред гробот Господов, но исто така и благодарност за искупувањето што ни го дарува Спасителот. Потоа повторно се поклонуваме пред поставениот голем Крст, пред иконата на Пресвета Богородица и свети Јован Богослов и ги бакнуваме.
А пред заминување зимаме цвеќе од Плаштаницата за благослов и духовна утеха, како симбол за надежта и верата дека уште малку и гробот ќе остане празен, затоа што Христос ќе воскресне. Го донесуваме цвеќето во својот дом и го ставаме над иконите, за да не потсетува дека го очекуваме големиот ден.
Од горенапишаното станува јасно дека оваа го извршуваме, водени од чиста и силна вера, поклонувајќи се на Христовиот гроб, уверени дека Тој го направил тоа за нас луѓето, за да го спаси целиот човечки народ.
Храм Свети Никола Вевчани