(ФОТО) На Голем петок прилепчани традиционално го посетија манастирот Св. Архангел Михаил

Денес православните христијани го празнуваат големиот верски празник Голем или Источен петок, односно Балаклија.

Жителите од најстарата прилепската населба Варош и манастирот Св. Архангел Михаил денес широко ги отворија портите.

Инаку празнувањето на Голем Петок е вековна традиција која започнува со литургија во утринските часови во манастирската црква, каде огромен број верници доаѓаат, ќе се помолат и ќе нацрпат од изворските води на манастирот, за кои се верува дека се лековити.

Варошани своите куќи на овој ден ги украсуваат со зелени гранчиња и чекаат гости.

Со овој празник, посветен на Пресвета Богородица, и се оддава признание на мајката Божја, поради тоа што непосредно по Велигден нема друг празник поврзан со нејзиното име.

Во некои места празникот е познат под името Богородица Балаклија. Поради тоа што Богородица му ги миела раните на Исус, на овој ден луѓето ги посетуваат изворите ги мијат лицето и очите, или три пати преку себе префрлаат вода од изворите. Поради тоа најчесто овој празник се празнува во црквите што се покрај извори.

 

markukule.mk