Против професорката по германски јазик во едно виенско училиште упатени се обвинувања за навредување и омаловажување на децата странци, пренесува Анадолу.
Австрискиот јавен сервис ОРФ (ORF) објави дека во главниот град Виена наставничка ги навредувала учениците од Сирија, Украина и Туркије, користејќи реченици како на пример: „Не можете ништо да сторите“, „Можете и вие да се вратите во Туркије“ или „Дали ти плаќаш за школување? Дали твојата мајка го плаќа станот? Кој го плаќа? Јас… сѐ плаќам… и сите останати кои имаат работа. Имаат ли мама и тато работа? Веројатно не!“.
Исто така, како што наведува ОРФ, наставничката рекла дека сака да види еден од учениците „да се вработи тука во Австрија“, а не таа да „мора да плаќа за него“.
„Неверојатно е дека нешто такво е можно во австриско училиште“, рече Корнелиус Граниг, лидер на австриската група „Ukraine Aid“.
Директорот на Виенскиот одбор за образование, Хајнрих Химер, за ОРФ ги потврди навредливите изјави на наставничката.
„Ова е многу навредливо однесување и погрешна проценка на колешката. На тоа ќе работиме заедно со неа“, рече Химер.
Тој додаде дека „образованието значи пренесување на знаење и на потенцијални можности, а не колку некој заработува или каде живее“.
ОРФ објави дека Одборот за образование следната недела ќе разговара со наставничката и учениците во врска со немилиот настан.