Распадот на ГТЦ: Како фамилијата Бајрам му пресуди на градскиот симбол

Во 2017 година СДСМ ќе постави директор на ГТЦ кој нема да е од партијата на Амди Бајрам. Ќе вети нов ред и поредок во градскиот симбол. Една од првите одлуки на новото раководство е вработување на нови 65 луѓе, меѓу нив и Валентина Бајрам, ќерката на Амди Бајрам. Баш тогаш нејзиниот брат ќе копа биткоини користејќи ја струјата на ГТЦ. Истовремено, менаџментот незаконски ќе им наплаќа поскапа струја на закупците од онаа што реално ја плаќа во ЕВН. Ова е еден од потезите што во последно време ги бркаат дуќанџиите и го запустуваат градскиот симбол

Градскиот трговски центар претставува културна икона и еден од најпрепознатливите објекти на Скопје. Иако е голем, во секоја смисла, тој не го оптоварува градот, за разлика од габаритните шопинг-центри. Идејниот архитект на ГТЦ, Живко Поповски, на своите предавања велел: „Треба да се прават згради толку добро вклопени во опкружувањето што воопшто нема да се забележи нивното постоење.“ За ГТЦ се пишувало во многу југословенски и странски медиуми каде што се споменува како уникатно архитектонско дело. По распадот на Југославија, почнува и распадот на ГТЦ. За овој трговски центар сè поретки се романтични и носталгични спомени, а сè повеќе за него се пишува за криминал, непотизам и крипто-подземје. Раководството е политичко и се менува со секоја промена на власт. Сопствениците на дуќаните се во немилост на менаџментот и мораат да функционираат според непринципиелни услови кои ниту една влада не сака да ги промени.

Поранешната британска премиерка, Маргарет Тачер, при нејзината посета во земјава се потпиша во книгата за впечатоци во ГТЦ / Фото: приватна архива

ГТЦ е создаден по идејното решение на авторскиот тим предводен од архитектот Живко Поповски, а годинава ќе прослави половина век од отворањето. Објектот е врежан во колективната меморија на граѓаните, а од поновата историја се памети и активизмот кога иницијативата „Го сакам ГТЦ“ организираше живи штитови и „гушкање“ со цел да не се дозволи негово „облекување“ во барок за време на владеењето на Никола Груевски. За ова прашање се распиша и референдум за жителите на Општина Центар, кој иако беше неуспешен, сепак, ГТЦ го задржа автентичниот изглед.

Но, она што со голо око не можеа да го видат ниту активистите ниту другите граѓани е недореченоста на законите и правилниците по кои со децении ГТЦ функционира.

Целата сторија на ИРЛ на следниот линк со клик Т У К А .

https://www.youtube.com/watch?v=FWydbgpAzQ4