Русија одобри нуклеарни напади во случај на проширена закана

Рускиот претседател Владимир Путин ја потпиша ажурираната нуклеарна доктрина, со која се проширува списокот на услови под кои е дозволен нуклеарен напад од страна на Русија. Во новата верзија се наведува дека Русија го задржува правото да употреби нуклеарно оружје и како резултат на агресија од страна на држава која не располага со нуклеарно оружје, но ја ужива поддршката на нуклеарна сила.

Таков – дури и конвенционален – напад ќе се смета за заеднички напад врз Русија и може да резултира со возвратен нуклеарен напад. Иако во текстот нема конкретни референци за одредени држави, во контекст на војната во Украина постојат паралели со Украина (држава која нема свое нуклеарно оружје) и нејзините сојузници во НАТО (меѓу останатите и нуклеарните сили САД и Франција).

Стара формулација со ново значење
Независниот руски експерт за нуклеарно оружје Павел Подвиг во интервју за ДВ нагласува дека таквата формулација постои од 1995 година. Сепак, во тоа време „појдовна точка било спротивното сценарио – имено, нуклеарна сила се сметала за потенцијален извор на агресија – што секако подразбирало држава членка на НАТО, додека пак нејзиниот сојузник без нуклеарно оружје, требало да биде казнет заедно со неа“, објаснува Подвиг.

Со новата доктрина, агресија против Русија или нејзините сојузници од држава која е дел од воен сојуз како НАТО, се смета како агресија од целата коалиција.

Повеќе „воени опасности“
Во преработениот документ се вели дека Кремљ би можел да размисли за употреба на нуклеарно оружје дури и ако добие „сигурни информации за масовно користење на воздухопловни и вселенскисредства“ и нивно преминување на руската воздушна граница. Тука спаѓаат авиони, ракети и дронови.

Во доктрината е проширена листата на таканаречени воени закани кои ја оправдуваат употребата на нуклеарно оружје за заплашување и од сега составен дел од неа се и поседување на секаков вид оружје за масовно уништување што би можело да се употреби против Русија, како и воени вежби во близина на границата.

Освен тоа доктрината дозволува употреба на нуклеарно оружје доколку постои „критична закана за суверенитетот на Руската Федерација и конвенционално оружје“, при што не е наведено што сѐ подразбира „критична закана“.

Клучен е зборот „критична“
Павел Подвиг посочува дека во претходната верзија стануваше збор само за закана за „постоењето на самата држава“ На прашањето дали окупација на делови од рускиот регион Курск од страна на украинската армија или американски ракетни напади врз руски аеродроми, претставуваат таква закана за територијалниот интегритет на Русија, Пудвиг го истакнува зборот „критична“ во новата доктрина.

Нејасно е каков тип на закана може да се смета за критична, а каков не. Такви работи намерно не се дефинираат и во ваквите документи секогаш има простор за интерпретација. „Секогаш велам дека нема да одите на суд со документот, никој нема да одржува расправа пред нуклеарен напад“, иронично посочува Подвиг.

А, сепак ваквите формулации имаат некаква смисла. „На пример, како може да се сфати теориската загуба на анектираните украински територии? Русија секако може да тврди дека тоа претставува критична закана за територијалниот интегритет, но никој на светов не ги признава тие територии како дел од Руската Федерација“, анализира Подвиг и додава дека би било тешко да се тврди дека тоа е критична закана за суверенитетот на Русија.

 

 

DW