Владата може да ѝ ги одземе ингеренциите на градоначалничката Данела Арсовска за ЈСП, а може и интервентно да реагира од државните нафтени резерви со гориво за ЈСП, вели професорот Борче Давитковски. По денешниот колапс на автобускиот превоз седници закажаа и градот Скопје и Владата. Од 600 автобуси во возниот парк на ЈСП и приватните превозници само 40 денеска превезуваат патници.
Симона утрово излегла во 7 часот од приградска населба на Скопје, на работа во центарот на градот стигнала во 9.30. На станица чекала градски автобус повеќе од еден час, заедно со средношколци кои тргнале во училиште, возрасни луѓе за на лекар и други граѓани кои цела година се возат со автобуси на ЈСП.
„Залудни се месечните билети, залудно ѕвониме во ЈСП, никој не крева телефон. Летоска колабиравме во автобуси без клими, зимава смрзнуваме на постојки. Подобро нека го укинат јавниот превоз, барем ќе знаеме дека ич ќе го нема“, вели револтирано Симона.
Проблемите со недостиг на гориво, втор ден по ред ги остави паркирани автобусите на Јавното сообраќајно претпријатие Скопје ( ЈСП). Денеска на терен се активни само 40 автобуси кои користат гас како гориво, и неколку двокатни автобуси во кои од вчерашната смена им останале 50 до 100 литри гориво, велат вработените возачи на ЈСП за Радио Слободна Европа.
DW