Спасовски за DW: Се стеснува кругот околу лажните дојави за бомби

0
144

По шест месеци стивнаа заканите за лажни бомби во училиштата и институциите во Северна Македонија, но на полициската истрага се уште не и` се гледа крајот. Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски вели дека е лоцирана група од Иран и Русија за која што се претпоставува дека стои зад јануарскителажни дојави за бомби, кога земјата се најде под интензивен удар на хибридните закани. Во тек е вештачење на доказниот материјал, по што ќе бидат поднесени соодветни пријави, објави dw.com.

„Ниту едно откривање на кривично дело не може да биде детерминирано со временска рамка, ниту во минути, денови или недели. Многу е важно да имате квалитетно завршена работа и тоа што ќе го поднесете да биде поддржано со докази“, изјави денеска Спасовски на Националната конвенција за ЕУ во Северна Македонија на тема „Зајакнување на отпорноста и подобрување на капацитетите за одговор на хибридните закани“ во организација на Европското движење.

Над 800 дојави за лажни бомби

Спасовски вели дека групата, за која што веќе имаше информации дека е од Иран и Русија, е лоцирана врз основа на преземени криминалистички активности од страна на секторите за борба против тероризмот, компјутерски криминал и меѓународна полициска соработка.

Полицијата претходно поднесе пет кривични пријави, некои се однесуваа на заканите во училиштата во Скопје, а целосно е расчистен случајот за дојавите во Кавадарци, како и случаите во Делчево и Тетово. Полицијата во соработка со експерти од странство работи и на истрага за „хибридниот напад“ на Фондот за здравствено осигурување, чија работа беше блокирана.

„Tоа е хибриден напад и таму сè уште се работи. Тоа е една огромна работа заради тоа што, знаете дека таму беше извршен напад во кој што беа загрозени многу документи и во овој дел имавме такви, имавме и во Бирото за јавни набавки, така да таму се работи на обезбедување на целосно затворање“, рече министерот.

Половина година лажните закани со бомби внесуваат немир во регионот и во Северна Македонија. Од претпоставки за хибридна војна, странски сили, тинејџери кои сакаат да избегаат од часови, па се до кластер на заканувачи на кои полицијата им влегла во траг. Ова се само дел од сценаријата коишто беа разгледувани од страна на институциите.

Заканите започнаа на 26 октомври 2022 година. Мета беа пред се училиштата, каде речиси секојдневно пристигнуваа дојави за поставени бомби. Тензијата започна во Скопје, но набргу се прошири и во останатите градови. Алармот се вклучи и во државните институции, аеродромот, железничката станица, трговските центри, медиумите кои исто така се најдоа на мета на лажните дојави.

Од октомври до крајот на 2022 година се евидентирани над 300 лажни пријави, додека од јануари досега имало над 500 лажни дојави за поставени бомби. Само за три месеци беа регистрирани над 100 дојави, кои сите се покажаа како лажни. „Од октомври до март, поради дојави за бомби биле проверени 862 локации во Скопје, ангажирани над две и пол илјади полициски службеници и потрошени над 5 милиони денари“, изјави неодамна во интервју за ДВ, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

извор: dw.com