DW: Атанасов – Во образованието одамна е изгубен компасот

0
152

Интегрираниот модел на учење предмети повторно ја крена температурата во јавноста. Овојпат во прашање се наставни програми за шесто одделение, на кои реагираше Здружението на историчарите. Тие бараат Историја да остане посебен предмет, а Министерството за образование и наука (МОН) да стави мораториум на Концепцијата за основно образование и итно да иницира јавна дебата за подготовка на нова концепција, за во иднина да не се повторуваат пропусти, објави dw.com.

Дали оние што ги кројат образовните политики реформи го избрале најдобриот пат?

„Според мене, во образованието одамна е изгубен компасот“, вели Петар Атанасов, поранешен заменик-министер за образование.

„Нема лидерство или некој правец што се следи. Образовните институции немаат капацитет за реформи или поголеми континуирани промени. Финансии има, ама се трошат на погрешен начин. Има превработеност на наставници, целосна партизација и неквалитет, децентрализација која не донесе никаков квалитет, и многу нестручен и немотивиран наставен кадар. Дваесет години политиката си игра ‘топло – ладно’ со целиот систем на образование. Се поставуваа неспособни и нестручни партиски кадри за директори на образовни институции“, вели Атанасов.

Дека има причинско-последична поврзаност со македонските „резултати“ во образованието, може да се увиди ако се анализираат податоците од извештајот на Светска Банка („Финансирање на нашата иднина“) објавен во февруари годинава.

„Во тој извештај, во делот за расходите во образованието во Северна Македонија, се наведуваат фрапантни податоци за состојбите во пониските нивоа на образование“, посочува Атанасов.

„Според експертите, со години наназад во образованието бројот на наставници се зголемува и покрај демографскиот пад. Просечно, на секои 14 загубени ученици (поради емиграција или помал природен прираст) се вработува по еден нов наставник, што е очигледна последица од процесот на повеќегодишната партизација. Истовремено, просечните расходи за професионален развој по еден наставник се само 3,5 евра годишно, што е еквивалетно на автобуска карта во еден правец меѓу Скопје и некој град од внатрешноста. Значи во наставниците не се вложува речиси ништо. Компаративно, во Македонија се вложувале многу повеќе финансии од Хрватска, но спротивно на ова, нашите резултати на тестирањето за ПИСА, на пример, во 2018 година биле многу полоши од Хрватска. Прашањето е зошто, или што правиме погрешно? Овие конкретни и ‘невидливи’ бројки за лошата состојба во нашето образование се системски слабости, чија штета ќе ја плаќаме сите“, вели поранешниот заменик-министер.

Реформа или импровизација?

Новата Концепција за основно образованиена МОН беше воведена во 2021 година. Промените прво почнаа за наставните содржини за прво и четврто одделение, потоа за второ и петто одделение, а сегашните се однесуваат за трето и шесто одделение. Со новата концепција се спојуваат предметите Историја, Граѓанското образование и Географија во „Историја и општество“. Според реакциите, битката сега е насочена на два фронта: едниот за зголемување на квалитетот на концепциско-содржинската поставеност на учебниците, односно за задржување на посебноста на предметите. Вториот – на зачувување на работните места на наставниците, кои поради спојување на повеќе предмети во еден, би можеле да станат технолошки вишок, на што предупреди Независниот синдикат за образование и наука (НСОН).

Според Атансов, „реформата“ од 2021 година е импровизација која само ќе донесе повеќе други проблеми, отколку што ќе реши нешто.

„Едно е да комбинираш предмети само од природни или само од општествени науки во модули, а друго е да мешаш историја и општество. Кога се оди со ваков ‘голем зафат’ во подолг период, треба да подготвиш соодветен кадар или однапред да ги санираш евентуалните последици. Но, да менуваш национална историја, и по квантитет и по квалитет, во еден ваков фрустрирачки период со политичка недефинираност на регионот, е навистина луксуз што не смееме да си го дозволиме. Заради добрососедски односи треба да се менторираат специфични вредносни четива, но состојбата мора да е стабилна и тоа да им се препушти на професори од овие области. Примерот со Германија и Франција по Втората светска војна секаде служи како пример за добар проект“, укажува Атанасов.

Состојбата не е изненадувачка, ако се има предвид колку министри за образование продефилирале низ ресорот. Од независноста на земјата до денес се смениле 18 министри за образование, или во просек раководеле со ресорот по една година и седум месеци. Тој период не е доволен за темелна анализа на состојбите и за развивање кавлитетна образовна концепција, особено во услови на доминантниот менталитет дека „историјата почнува од секој нов министер“.

 

Текстот во целост на: dw.com.