Функционерите за неколку дена ќе почнат да добиваат плати повисоки по околу 1000 евра, по одлуката на Уставниот суд, според која платите на функционерите можат да се зголемат за речиси 80 проценти.
Платите на функционерите се пресметуваат така што основицата се множи по одреден коефициент во зависност од функцијата. Законот за плати на функционери предвидува основицата да биде просечната плата од претходната година, но со години беше замрзната на пониско ниво. Судот на 21 март одлучи да го укине замрзнувањето, по што платите значително ќе се зголемат, објави slobodnaevropa.mk.
Највисоки плати од функционерите имаат претседателот на државата, на Собранието и на Владата. Законот предвидува тие да добиваат плата во висина на просечна плата од минатата година помножено со коефициент 4,5. Просечната бруто плата исплатена во 2022 е околу 47 илјади денари. На тоа се додава зголемување од половина процент за секоја година работен стаж.
Според таа одлука, претседателот Стево Пендаровски, претседателот на Собранието Талат Џафери и премиерот Димитар Ковачевски за неколку дена ќе добијат покачување на платата од околу 70 илјади денари. Досега земаа околу 90 илјади, а од сега по околу 160 илјади денари.
Претседателот Стево Пендаровски е единствен од функционерите кој соопшти детална пресметка за неговата досегашна плата и се побуни против големото покачување.
Пресметка на досегашната плата на претседателот на државата, според неговиот Кабинет
Основица: 4,5 х 26.755,00 МКД = 120.398,00 мкд
Минат труд: 18% од 120.398,00 мкд = 21.672.00 мкд
Вкупно бруто: 142.070,00 мкд
Вкупно придонеси: 49.129,00 мкд
Нето за исплата: 92.941,00 мкд
Според пресметката што ја направи Радио Слободна Европа, зголемената плата на претседателот, по одлуката на Уставен суд, ќе изнесува 164.817 денари нето.
Пресметка на платата на претседателот на државата
Основица: 4,5 х 47. 637МКД = 214.366,5 мкд
Минат труд: 18% од 214366,5 мкд = 38.585,97 мкд
Вкупно бруто: 252.952,47 мкд
Вкупно придонеси: 70.826мкд
Нето за исплата: 164.817мкд
Според пресметките на Радио Слободна Европа, премиерот Димитар Ковачевски ќе зeма плата од 156.482 денари, а претседателот на Собранието, Талат Џафери ќе има плата од 166.207 денари. Месечната плата на највисоките функционери во државата е нешто повисока од цената на еден квадрат станбен простор во централното градско подрачје во главиот град.
Просечната нето плата, пак, во Македонија сега изнесува околу 34 илјади денари, а од овој месец минималната плата е покачена на 20.185 денари. Работник со минимална плата треба да работи осум месеци за да заработи колку премиерот или претседателот што ќе заработи за еден месец. На тој што зема просечна плата ќе му требаат скоро пет месеци за да заработи една плата на премиер или претседател.