Сè е подготвено за утрешното крунисување на кралот Чарлс Трети: Во Лондон празнична атмосфера

Улиците на Лондон, британската престолнина, работните места и јавните простори се украсени за церемонијата на крунисување на англискиот крал Чарлс Трети, што ќе се одржи утре, јавува Анадолу.

Граѓаните покажуваат голем интерес за предметите специјално произведени за церемонијата на крунисување.

Над 2.200 гости, меѓу кои и шефови на држави, познати имиња и хуманитарни организации од 203 земји, како и членови на кралското семејство, ќе присуствуваат на утрешната церемонија на крунисување на англискиот крал Чарлс Трети.

Во секој дел од Лондон може да се видат подготовките што се при крај.

Прослави и забави ќе се одржат низ целата земја од 6 до 7 мај, период познат како „викенд на крунисување“, и 8 мај – државен празник.

Детски игралишта ќе бидат поставени во речиси секој парк во Лондон, а важните градски улици и плоштади ќе бидат места за посебни прослави што ќе се одржат на денот на крунисувањето.

Во тек се подготовките за неделниот настан „Big Meal“ на клучните улици и паркови во градските квартови Хамерсмит, Фулам и Чисвик по должината на реката Темза.

Онаму каде што ќе се собираат граѓани за да го прослават крунисувањето на новиот крал, општините и невладините организации поставија маси на кои ќе се служат разни јадења, а ќе има и посебни катчиња за децата.

Улицата Хамерсмит, позната како Кинг Стрит, ќе биде затворена за сообраќај за време на викендот и во понеделник.

Најпознатите улици во Лондон, Оксфорд и Риџент, исто така, се подготвени да го прослават крунисувањето на новиот крал. Продавниците во двете улици се украсени со знамиња.

За церемонијата се подготвени и Мол стрит, Трафалгар сквер и плоштадот пред Бакингемската палата, која ќе биде средиште на крунисувањето. На овие три пункта, каде што илјадници луѓе ќе ја следат парадата на кралот, вниманието го привлекуваат и украсите, а поставени се и трибини за гостите и платформи за новинарите.

Крунисувањето на кралот Чарлс Трети во Велика Британија, каде што последното крунисување беше во 1953 година, се смета за историски настан.

Свечената атмосфера може да се види во продавниците за сувенири и во останатите продавници.

Изложени се книги за животот на кралот Чарлс, монархијата и кралицата Елизабета во излозите на Вотерстоунс, еден од познатите синџири на книжарници во земјата.

На рестораните, продавниците за облека, железничките станици и такси може да се видат логото на круната, сликата на кралот, маски и знамиња.

Продавачот на сувенири, Риз Озман, за Анадолу изјави дека имале многу напорен период поради производството на специјални сувенири за церемонијата на крунисувањето.

Наведе дека е забележано значително зголемување на продажбата на знамиња, триаголни знаменца, производи со ликот на кралот и на Јунион Џек.

Енди Ормрод, сопственик на компанијата „Flying Colors“, која произведува рачно изработени знамиња и печатени производи, истакна дека во претходниот период добивале нарачки специјално за Јунион Џек (комбинација од знамињата на Шкотска, Англија и Северна Ирска).

„Јунион Џек е знаме по нарачка, произведуваме рачно изработено знаме. За шиење на знамето потребни се три до четири часа и дневно може да произведеме 20-25 парчиња. Сè уште добиваме голем број нарачки“, рече Ормрод.

Кралот Чарлс Трети ќе седне на тронот за што чекаше речиси 70 години.

Кралот Чарлс и неговата сопруга Камила ќе бидат крунисани утре, 6 мај, во Вестминстерската опатија во Лондон.

На крунисувањето на кралицата Елизабета Втора во 1953 година присуствуваа над 8.200 гости.

Ден по крунисувањето во замокот Виндзор ќе се одржи голем концерт.

На концертот ќе настапат многу уметници, меѓу кои и светски познатите пејачи Кети Пери, Лајонел Ричи и Андреа Бочели.

Концертот на кој ќе присуствуваат 20.000 луѓе од целата земја и ќе се следи во живо во над 100 земји во светот, ќе биде јавен настан со учество на волонтери од голем број хуманитарни организации.

Познатиот британски пејач, композитор и пијанист Елтон Џон одби да настапи на концертот, наведувајќи ја како причина турнејата во странство.

Познато е дека Елтон Џон беше многу близок пријател на принцезата Дијана, поранешната сопруга на кралот Чарлс.

 

извор: Анадолу.

фото:Анадолу.