До крајот на оваа работна недела, односно денес (четврток) како и утре (петок) во Македонија атмосферата ќе биде постабилна, па така очекуваме релативно суво време. Времето ќе биде сончево со појава на попладневна умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од северен правец.
Сепак и покрај ова, во попладневните часови, особено во планинските предели ќе има услови за локален краткотраен дожд и грмежи (ништо сериозно).
Што се однесува до температурите, тие наутро ќе се спуштаат во интервалот од 12 до 20 степени, тоа значи дека не очекуваат значително посвежи утра, додека преку денот ќе биде поумерено топло со температури кој ќе се искачуваат во интервалот од 29 до 37 степени.
Во Скопје и околината ќе имаме слично време, претежно стабилно и суво со појава на умерена облачност во попладневните часови. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Наутро температурата ќе се спушта помеѓу 18 и 19 степени, додека максималната температура ќе се искачува во интервалот помеѓу 33 и 35 степени, најавува метеопрогнозерот Славчо Попоски.