Масовниот убиец од Младеновац не може да добие доживотен затвор

Урош Блажиќ, 20-годишникот кој уби осум и рани 14 лица во масакрот кај Младеновац, вчера на распит призна се и пред обвинителите рече дека не ги познава жртвите и дека „сакал да ги заплаши мештаните“.

Српскиот адвокат Вељко Делибашиќ гостуваше во телевизијата К1, каде коментираше каква казна може да добие масовниот убиец. Тој вели дека не може да добие доживотна затворска казна.

„Оваа казна може да се изрече само на оние лица кои во времето на извршувањето на кривичното дело имале 21 година. Со оглед на тоа што Урош Б. во моментот на извршување на кривичното дело тешко убиство немал 21 година, нема да добие најстрога казна.За тоа кривичното дело предвидува затворска казна од најмалку десет и најмногу 20 години“, рече адвокатот.

 

 

„Да имаше 21 година, ќе беше применета казна доживотен затвор. Истите казни се за тероризам, најмалку десет, а најмногу 20 години или доживотен затвор, но истиот Кривичен законик важи и за тоа“, додаде тој.

„Ако навистина го направил тоа што му се припишува и ако се утврди, тогаш 20 години е максималната казна. Право на сите осудени е да поднесат барање за предвремено ослободување од затвор по отслужување на две третини од казната, но тоа не значи дека судот ќе одобри“, заклучи тој.

Во Србија денеска е трет ден на жалост поради трагедијата во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград и масовното убиство во селата околу Смедерево и Младеновац. Граѓаните ширум Србија и регионот им оддаваат почит на жртвите. Во Дубона денеска ќе бидат погребани три жртви. На белградските гробишта вчера беа погребани четворица ученици и работник од обезбедувањето во училиштето во Врачар. Во Мали Орашје беа погребани пет млади луѓе.

Србија тагува за седумнаесетте жртви на двата невидени масовни злосторства во Србија за два дена. Знамињата се спуштени на половина копје, а сите активности започнуваат со едноминутно молчење. Се палат свеќи, се положуваат цвеќиња, разни предмети се оставаат во тишина на местата на злосторството, но и на плоштади и други јавни места

 

libertas.mk