Вечерва во Ливерпул започнува 67-от Избор за песна на Евровизија, годинава под мотото Обединети од музика“.
На сцената во Ливерпул Арена ќе се појават претставници на 37 земји, а годинава за првпат по две децении Македонија нема свој претставник. Покрај нас, учеството го повлекоа и Бугарија и Црна Гора. Од земјите од регионот, Србија и Хрватска ќе настапат вечерва, на првото полуфинале, додека Албанија и Грција ќе се претстават во втората полуфинална вечер, в четврток.
Церемонијата на тиркизниот килим, беше отворена во неделата попладне во градот домаќин на музичкиот натпревар.
Вечерва ќе бидат изведени 15 композиции, додека на втората полуфинална вечер 16 песни.
Ќе се квалификуваат десетте најдобри земји од секое полуфинале, кои ќе се сретнат со големата петорка, како и со минатогодишниот победник Украина во големото финале во сабота на 13-ти мај.
Според обложувалниците, најголеми шанси за победа годинава има шведската претставничка Лорин (Loreen), која веќе еднаш победи, во 2012 година со „Euphoria“.
Доколку победи и годинава, Лорин ќе биде втората пејачка во историјата што победила два пати на овој натпревар. Ирскиот пејач Џони Логан е единствениот што досега победил три пати на ова натпреварување – два пати како изведувач и еднаш како автор на песна.
Покрај Шведска, обложувалниците поголеми шанси за победа им даваат и на Финска, Франција и Украина, а најмали на Романија, Латвија и Албанија.
МРТ ќе врши директен пренос на двете полуфинални вечери и финалето в сабота од 21:00 часот.