DW: Децата се охрабрија – расте бројот на пријави за насилство

По апелите на надлежните да не се молчи за насилството во училиштата, се поголем број деца се охрабруваат да зборуваат за булингот и непријатностите на коишто се подложени од нивните врсници. Досега на електронската адреса на Министерството за образование и наука (prijavinasilstvo@mon.gov.mk) пристигнале 20 пријави за врсничко насилство во МОН. Иако пријавите се анонимни, министерот за образование Јетон Шаќири во изјава за ДВ вели дека се повикуваат директорите на училиштата и се вршат проверки што досега е поставено во одредени случаи на врсничко насилство, објави DW.

Линијата беше воведена пред помалку од една недела, но надлежните се задоволни од ефектите. Шаќири вели дека за кратко време е постигнато многу, особено во однос на тоа што децата се осмелија да зборуваат за проблемите со коишто се соочувале.

„Треба да се зборува отворено на оваа тема, но и за поголемата одговорност којашто ја имаат родителите. Тие се оние коишто што одговараат што носи нивното дете во училишниот ранец“, вели министерот, откако во јавноста изминатиот период родители се жалеа дека во одредени училишта се забележани ученици коишто на настава носеле нож. Според Шаќири, родителите се тие коишто треба да им воочат на децата дека е забрането носење на нож на училиште и дека за таквата постапка можат да бидат казнети.

На адресата која што ја објави МОН, учениците и родителите можат анонимно да пријават меѓуврсничко насилство во училиштата. Ваквата мерка следеше по експлозијата на насилство во регионот, по што се вклучи алармот и во македонските институции. МОН најави создавање на мрежа од педагози, психолози, социјални работници, во соработка со другите институции коишто ќе постапуваат на терен и ќе се обидат да најдат решение за насилното однесување на децата.

Проблемот на врсничкото насилство ниту е нов, ниту може магично да се реши. Тоа е комплексен и сериозен проблем. Поради тоа, до петок, министерот Шаќири најавува дека ќе биде готова листата со препораки и упатства до училиштата, а веќе во вторник тие треба да се најдат и на владина седница. Веќе се најави можноста да се ограничи користењето на апликацијата ТикТок, поради нејзиното негативно влијание врз младите. Се подготвуваат и нови протоколи коишто се очекува да стапат на сила од новата учебна година, а една од препораките за која што се размислува, според Шаќири е на ниво на општините и Градот Скопје, стручни екипи составени од психолози и Центрите за социјални работи да разговараат и да се координираат со родителите со цел да се зголеми безбедноста на училиште и да се надминат проблемите со насилство и булинг меѓу учениците.

„Министерството за образование и наука е посветено на борбата против насилството во училиштата, затоа што веруваме дека образовните установи треба да ги градиме како сигурни места, каде децата и младите безбедно учат и се дружат. Секое дете има право да оди на училиште и да учи, без страв. Ги повикуваме наставниците, стручните соработници, родителите и другите учесници во образовниот процес – сите да работиме заедно, бидејќи имаме заедничка цел: да ги заштитиме учениците од врсничко насилство“, се вели во повикот на МОН.

Министерство за образование и наука работи на зајкнување на постоечките процедури и постапки за функционирање на системот на заштита на децата во училиште. За да успееме, потребна ни е помош од сите кои добронамерно сакаат да излеземе како победници во борбата со ова зло.

извор: DW.