Кнежински манастир — манастирски комплекс во областа Копачка, западно од градот Кичево, во непосредна близина на селото Кнежино.
Манастирот се наоѓа на падините на планината Бистра, на надморска височина од над 900 метри. Пределот е богат со вегетација, со букова и дабова шума. Некои од дрвата се со повеќе вековна старост. Во манастирскиот двор се наоѓаат три чешми низ кои протекува изворска вода, која народот ја смета за лековита.
Во колективната меморија на населението од овој крај, во едно предание кое ја отсликува духовната и религиозната состојба, двата манастира ја преземале улогата на водители еден од друг. Кога Кнежинскиот манастир бил разрушен, иконата од манстирот прелетувала во манастирот „Св. Богородица Пречиста“ и се враќала назад во Кнежинскиот манастир и на крај преданието вели останала во манастирот „Света Богородица Пречиста“.
Манастирот е посветен е на Свети Ѓорѓи, кој во христијанскиот свет е познат како светител кој ги исцелува болестите, ги заштитува луѓето и стоката, воскреснува покојници, чудотворец.
ФОТО -Света вода од Св.Среда
Манастирската црква во основа е ранохристијанска црква со базиликална форма, изградена во 5-6 век од нашата ера со должина од 27-29 м. Ранохристијанската црква била разурната во непознато време. Делови од нејзината камена пластика биле вградувани во обновената црква кон крјот на 11-12 век и во другите објекти на манастирскот комплекс. Во ова време, кичевската област, a со тоа и Кнежинскиот манастир припаѓале кон Византиското царство, а црквата на Охридската Архиепископија. Манастирскиот комплекс опстојувал во средновековието, до неговото палење, запустување и рушење, во првата половина на XVIII век. Археолошките истражувања биле започнати во 1985 година, на манастирската црква и некрополата (гробишта), билепродолжени во 1998 година и траат со прекини до денес. Најважни откриените наоди при овие истаржувања се: мозаичниот под во наосот, камената пластика, керамичките плочи, градежни и плочи со натписи, фрескоживописот како и гробната архитектура и прилозите на покојниците.
ФОТО-Света вода Св.Недела
Фрескоживописот на откриените фрагменти му припаѓа на ранохристијанското сликарство во 5-6 век, на комненовскиот и палеолошкиот период од крајот на 11 и почетокот на 14 век. Фрескоживописот од палеолошкиот период веројатно е дело на познатите сликари Михаило Астрапа и Ефтихиј и потекнуваат од почетокот на 14 век, кога овие области потпаднале под српска власт. Истите сликари се дворски мајстори на српскиот крал Милутин, кои ги сликале неговите задужбини, па оттука, можно е да овие двајца сликари работеле на оваа црква како подарок на кралот. Од гробните конструкции и прилозите на погребаните покојници во нив може да се види дека некрополата била во долга употреба и може да се насети погребувањето на ктитори и богати поединци (белегзии, копчиња, прстен со гема и друго), како и гробни конструкции во кои се погребувани монаси.
Во народната традиција, во преданијата, Кнежинскиот манастир „Свети Ѓорѓи“ е поврзан со Китино Кале – средновековниот град Китава околу кој со тек на времето се развил градот Кичево. Кита во народните преданија била сестра на Крали Марко и живееле во Калето, а погинала бранејќи го Кнежинскиот манастир од Муса Кесеџија.
ФОТО- Света вода Св.Петка
Манастирскиот комплекс бил запален во првата половина на 18 век. Тогаш, монашкото братство се растурило, а самиот манастир бил препуштен на забот на времето и бил запуштен. Манастирскиот комплекс е вратен во живот во 1973 година, кога жителите од селото Кнежино ја изградиле малата црквичка на западниот дел на старата црква, а во исто време го изградиле и манастирскиот конак. Најновата црква, четврта по ред во манастирскиот комплекс, почнала да се гради во 1999 година, a била осветена на 11 октомври 2007 година. исто така, конакот бил обновен и проширен, при што црквата и конакот се изградени со донации од народот.