Бислимовски за МИА: „Струјата ќе поскапи 13% доколку РКЕ ги прифати барањата на компаниите“

До Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) се пристигнати сите барања за цената на струјата и доколку бидат прифатели тоа би значело нејзино зголемување за 13 проценти, изјави за МИА претседателот на РКЕ Марко Бислимовски.

РКЕ во наредниот период ќе ги анализира барањата, а одлуката ќе ја соопшти околу 20 следниот месец.

Бислимовски соопшти дека Електродистрибуција има побарано зголемување на цената за дистрибуција од 32 проценти, МЕМО, операторот на пазарот на електрична енергија, од 83,3 проценти, а МЕПСО како оператор на преносниот систем од 53,51 процент.

Процентот што го бара МЕМО, според него, навидум е голема бројка, но влијанието на цената е под 0,5 проценти. Вкупното влијание на цената на МЕПСО, пак, е нешто под пет проценти.

-Доколку ги прифатиме сите овие барања тогаш би значело зголемување на цената на електрична енергија од 12,75 проценти, односно од 13 проценти, изјави Бислимовски.

Барање нема доставено само ЕВН Хоум поради тоа што не знае која ќе биде цената по која ќе ја набави од ЕСМ, повластените производители и ако има потреба од слободниот пазар.

извор: МИА