Брод со далечински управувач кој трага по исчезнатата подморница „Титан“ пронајде отпадоци во делот за пребарување недалеку од „Титаник“, објави американската крајбрежна стража.
Експерти од тимот за пребарување и спасување ги анализираат собраните информации, пренесува Би-би-си.
„Не е јасно дали овие отпадоци се поврзани со исчезнатата подморница“,
соопшти крајбрежната стража.
Брод со далечински управувач кој може да стигне до дното на Атлантикот и да испрати слики на површината е нарачан од француски истражувачи.
Мултинационален тим за пребарување и спасување ја продолжува морската и воздушната потрага по исчезнатата подморница по име Титан.
Претходно денеска беше објавено дека потрагата по подморницата влегла во завршна фаза, бидејќи достигнала граница од 96 часа по што ќе остане без воздух за дишење за петчлениот екипаж.
Вчера имаше знаци на надеж со оглед дека американските и канадските екипи слушаа звуци, но по неколку часа Американската крајбрежна стража објави дека не успеале да го идентификуваат изворот на звуците.
Туристичката подморница исчезна во неделата во близина на потонатиот брод „Титаник“ во средината на Атлантикот, а целосен траг ѝ се губи еден час и 45 минути по нурнувањето.
Станува збор за подморница која може да се спушти на длабочина од 4 000 метри. Нејзините димензии се 670 сантиметри должина, 280 сантиметри висина и 250 сантиметри широчина. Може да обезбеди поддршка од 96 часа за петчлена екипа. Се движи со брзина од околу 3,5 милји на час, односно 5,6 километри на час.
Освен за носење нуркачи до потонатиот брод „Титаник“, подморницата се користи за истражување и инспекција на локацијата, истражување и собирање податоци, филмска и медиумска продукција и тестирање хардвер и софтвер на длабочина.
360stepeni.mk