Врховен ја одби жалбата на Талески, тој останува во затвор

Врховниот суд на Република Северна Македонија донесе пресуда со која барањата на осудените во случајот „Транспортер“ за вонредно преиспитување на правосилната пресуда на Основниот кривичен суд Скопје од 2020 година и пресудата на Апелациониот суд Скопје од 2022 година ги одби како неосновани.

„Советот за казниви дела при Врховниот суд на Република Северна Македонија донесе пресуда со која барањата на осудените В.Т. и С.Б. за вонредно преиспитување на правосилната пресуда на Основниот кривичен суд Скопје КОК бр.30/17 од 31.03.2020 година и пресудата на Апелациониот суд Скопје КОКЖ бр.70/20 од 08.04.2022 година, ги одби како неосновани, а барањето на осудениот Ѓ.Т. за вонредно преиспитување на правосилната пресуда на Основниот кривичен суд Скопје КОК бр.30/17 од 31.03.2020 година и пресудата на Апелациониот суд Скопје КОКЖ бр.70/20 од 08.04.2022 година, го отфрли како недозволено“, стои во соопштението од ВСРМ.

Со ова, Врховниот суд смета дека пресудата за „Транспортер“ во која е осуден битолскиот градоначалник Владимир Талески е законски изречена, односно, дека аболицијата дадена од поранешниот претседател, Ѓорѓе Иванов, не ги опфаќа осудените.

Поранешниот градоначалник на Битола е осуден на 8 години затвор, а поранешниот секретар на општина Слободан Бончановски е осуден на казна затвор од пет години и шест месеци. И другите 19 обвинети беа прогласени за виновни. Меѓу нив се раководител на сектор во Оштина Битола во времето на мандатот на Талески, поранешни директори на училишта и управители на фирми. Дел од нив добија затворски казни, дел условни.

Обвинетите се гонеа за злоупотреба на службената положба во врска со организирањето превоз на ученици во Битола, со што е направена проневера на околу 360 000 евра.

slobodnaevropa.mk