Внукот од Ахмети не открива за колку пари ја купил „Соравија“

Идните сопственици на бизнис центарот „Соравиа“, внукот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети преку компанијата „Тор индустри’ и албанската компанија „Пе-вла-ку“ не отркија за колку пари ќе го купат деловниот центар.

Сумата ќе се откриела во септември кога ќе завршеле процедурите. Ахмети и сопственикот на „Пе-вла-ку“ на прес конференција за новинарите објаснуваа како доло до продажбата и како се било чисто.

Според тврдењата на Дрин Ахмети идејата за купувањето произлегла кога дознал дека деловниот центар имал долгови кои не може да ги врати, па стапил во контакт со австрискиот милијардер и инвеститор Хано Соравија. Тоа го виделе како можност да направат нешто па заедно со албанскиот бизнисмен Владимир Пјетерѓокај кој соработувал пак со Соравија и во Албанија се договориле да го преземат долгот од 20 милиони евра на компанијата и да станат сопственици.

Продажбата се спроведувала со кредитна линија во износ од шест милиони евра преку Крединс инвест, каде Пјетерѓокај имал удел, па првично со овој кредит ќе се исплати дел од долгот. Ахмети иако не вложил ниту еден цент во купувањето на „Соравиа“ и не презел обврски за кредитот, сепак тој е сопственик на 39 проценти.

Педесет и еден процент од уделот ќе биде на „Пе-вла-ку ШПК, 39 проценти на „Тор индустрис“, а 10 проценти ќе останат кај се уште актуелниот сопственик Хано Соравија.

-Ова е приказната. Компанијата има долгови од 20 милиони евра, претежно кон финансиски институции, а кои ние ги преземаме, обезбедувајќи шест милиони евра кредит од кои три милиони евра се веќе активирани за да се промени иднинатата на компанијата и да ја направиме профитабилна, рече Ахмети, кој не го откри износот на купопродажниот договор поради доверливоста на процедурите.

Пјетерѓокај објасни дека со Дрин Ахмети се знаат четири години.

– За тоа дека Дрин е внук на Али Ахмети, секој е сечиј внук, рече Пјетерѓокај.

Комисијата за заштита на конкуренцијата на 15 јуни објави информација дека добиле известување дека бизнис центарот Соравиа се продава на „Тор индустрис“ ДООЕЛ Скопје и албанската компанија „Пе-вла-ку ШПК“, како и дека врз основа на прелиминарното испитување утврдиле дека предметната концентрација може да потпадне под одредбите на Законот за заштита на конкуренцијата. Сепак, како што соопшти Комисијата конечната одлука по ова прашање е резервирана.

 

 

fokus.mk