Грковска – Орландо: САД ќе обезбеди поддршка за Северна Македонија за финансиските истраги и проблемот со перење пари

Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, во рамките на работната посета на САД  оствари средба со Џејсон Орландо, директор на Канцеларијата за техничка асистенција при Министерството за финансии на САД.

На состанокот се разговараше за веќе отпочнатата меѓусебна соработка иницирана од вицепремиерката Грковска и министерот за финансии Фатмир Бесими, со цел да се обезбеди поддршка во градењето на капацитетите, особено во справувањето со проблемите како што се перење пари, финансиски истраги, како и донесување на закон за перење пари.

Сите овие прашања се опфатени и во препораките на Европската комисија во Извештајот за напредокот на нашата држава во 2022 година.

Вицепремиерката Грковска истакна дека за жал, Северна Македонија не е имуна на феноменот перење пари и се соочува со голем предизвик во борбата против економскиот криминал.

Таа нагласи дека  подготовката на законското решение за потекло на имот е од големо значење за идентификување и одземање имот, за кој не може да се утврди потеклото, а тоа значително ќе придонесе во борбата против корупцијата и економскиот криминал.

Орландо се осврна на се она што досега е потврдено во насока на заедничката соработка врз основа на добиеното официјално писмо во јуни минатата година потпишано од страна на вицепремиерката Грковска и министерот Бесими.

Тој најави дека се подготвуваат вкупно четири активности за градење на капацитетите согласно искажаните потреби и го поздрави фактот што овие проекти добиваат поддршка од Кабинетот задолжен за политики добро владеење, со што уште еднаш се потврдува силната определба на Северна Македонија во остварување на поставените цели.

На крајот на средбата, соговорниците се согласија дека се неопходни долгoрочни и одржливи решенија, бидеќи само на тој начин може да се постигнат суштински резултати.

извор: Влада