По десетгодишни напорни тренинзи во лоши услови, на нерамни терени, 35 годишниот Агрон Хајредини од Тетово, лице со церебрална парализа од Специјалната олимпијада во Берлин се врати со златен медал.
Првото место го освои во дисциплината скок во далечина од место. Во неговата категорија беше најдобар меѓу 16-те натпреварувачи ширум светот. Во Берлин се натпреварувал и на трка од 50 метри, на која за малку му „побегнала“ бронзата, па завршил на четврто место.
„Знаев дека еден ден ќе се вратам со злато. Во Берлин беше многу убаво и се чуствував многу убаво, знаев дека ќе го добијам златото во скок во далечина од место. Јас три пати скокнав, но првиот скок беше најуспешен. Пак ќе продолжам со тренинзите, не се откажувам“, вели Хајредини.
Тренира во лоши услови, но тоа не беше пречка да ја оствари десетгодишната посакувана цел, вели неговиот тренер исто така параолимпиец Ифраим Љута.
Со Хајредини, но и останатите лица со посебни потреби тренираме на спортскиот терен од Тетовскиот универзитет, кој нема соодветни услови. Нерамен е и децата се повредуваат, па така и се откажуваат од спортот, кој е повеќе од неопходен за оваа категорија граѓани, вели Љута.
„На лице место може да се види дека ова е стадион кој е нерамен и тоа на Агрон му создава проблеми, но ова е единствениот терен. За атлетика треба стадион со тартан, со стандарди оти градот не е мал, голем е интересот, но поради условите се откажуваат децата од атлетика. Со лицата со попреченост работиме волонтерски, ние ја претставувавме државата, како дел од Специјалната олимпијада од Македонија“, вели Љута.
Тој додаде дека општината и централната власт имаат обврска да помагаат и создаваат услови за оваа категорија граѓани.
„Ако има подобри услови ќе има и поголем интерес, локалната власт има обврска да се грижи за спортот оти без спорт не можеме да имаме здраво општество, додаде Љута.
Македонските олимпијци на Специјалната олимпијада во Берлин освоија пет медали, од кои едно злато, две сребра и две бронзи.
okno.mk