Момчето од Белград, кое е единственото во светот со тешка генетска мутација, патува во Америка на лекување

Коста Лешевиќ (3) од Белград има ретка генска мутација и според сите достапни податоци тој е единствениот во светот со ваков тип на мутација. За жал, неговата болест е енигма за српските лекари, па ова мало момче се уште нема точна дијагноза. Родителите сета надеж ја положија во специјалистите од Клиниката „Мајо“ во Америка, кои ја прифатија медицинската документација на Коста. Но, кога родителите побарале медицинска придружба за толку долго патување, српскиот здравствен систем ги одбил. Пресврт во случајот со малиот Коста дојде во моментот кога семејството ја сподели својата ситуација со медиумите. По нивното јавно појавување, Коста доби експресна медицинска придружба.

Родителите на Коста претходно добиле термин за преглед во клиниката „Мајо“, кој бил закажан за 4 август. Ги обезбедија потребните 62.000 долари за првите анализи, купија авионски билети за 28 јули, а единствено што побараа од државата е, поради специфичната здравствена состојба на малиот Коста, да имаат медицинска придружба.

На 16 јули мајката на Коста, Невена, гостувала во Н1 и кажала дека не се одобрени за придружба од Институтот за мајка и дете.

 

Истата вечер имаше реакција од надлежните.

 

Директорот на РФЗО гостувајќи во ТВ Пинк изјави дека за малиот Коста, како и за уште едно болно момче, превоз ќе биде обезбеден на државен трошок.

Коста и неговите родители добија датум за патување. На 31 јули со приватен медицински авион од аеродромот Никола Тесла ќе летаат за Америка.

Мајката Невена со олеснување за Нова.рс изјави дека ова е добра вест за нив и не ги крие очекувањата дека со одење во оваа престижна клиника конечно ќе дознае од што боледува нејзиното дете.

 

„Многу сме среќни, знаеме дека ова е голем чекор и мислиме дека болеста на Коста ќе биде добро истражена во Америка. Едноставно тоа не беше можно овде“, рече таа и се заблагодари на државата што им обезбеди медицинска придружба и директен лет до клиниката.

 

Невена за Нова.рс вели дека веќе воспоставиле контакт со лекарите кои ќе ги придружуваат и дека целиот тим е запознаен со специфичната здравствена состојба на Коста.

 

 

nova.rs