Калин Ивановски најдобриот македонски тенисер го освои фјучрс турнирот во Австрија

0
127

Македонскиот тенисер Калин Ивановски како победник го заврши фјучрсот во австрискиот град Крамсах (награден фонд 25.000 долари). Тој во финалето го победи Жерар Кампана Ли од Јужна Кореја со 2:0 во сетови 6:2 и 6:2 за 68 минути игра. Ова за Ивановски е втора турнирска победа во 2023 година откако претходно победи и на фјучрсот во Скопје. Воедно ова е негова петта турнирска победа откако претходните три ги имаше на турнири од рангот фјучрс 15 (Мадрид, Хераклион и Монастир) и сите беа минатата година.

Од самиот почеток на мечот Ивановски покажа е максимално подготвен и дека одлично ја одигра целата недела. Веднаш во првиот гем на сервис на противникот направи брејк и имаше водство од еден брејк – 2:0 и 3:1. Во петтиот гем од првиот сет нашиот тенисер направи уште еден брејк за 4:1 и оваа предност ја зачува до крајот на сетот, кој го доби со 6:2 во гемови. Во вториот сет повторно два брејка за Ивановски, но сега во третиот и седмиот гем, па и овој сет го заврши со 6:2 во гемови. Притоа по третиот гем противникот побара и медицинска помош.

Ивановски имаше четири аса во мечот од кои три во последниот гем, немаше ниту една двојна сервис грешка со реализација на брејк топките од 67 % (4/6), додека на противникот не му дозволи ниту една брејк топка. Во вкупниот број поени скорот беше 60:37 за Ивановски.

За победата на овој турнир Ивановски ќе добие 25 поени. Следниот настап нашиот тенисер би требало да го има на Челинџер турнирот во Бања Лука.

Резултатите на Калин Ивановски на фјучрсот во Крамсах, Австрија:

Калин Ивановски (Македонија) – Питер Голдстејнер (Австрија) 6:1, 6:0
Калин Ивановски (Македонија) – Сил Гаџери (Австрија) 6:1, 6:2
Калин Ивановски (Македонија) – Сандро Коп (Австрија) 7:6 (4) и 6:4
Калин Ивановски (Македонија) – Матис Ерхар (Франција) 4:6, 6:2, 6:2
Калин Ивановски (Македонија) – Жерар Кампана Ли (Јужна Кореја) 6:2, 6:2

 

 

slobodenpecat.mk