Пензионерите денеска ќе добијат пензија за септември со зголемен износ за 2.500 денари, а уште едно линеарно зголемување во износ од 2.500 денари треба да имаат со мартовската пензија. Линеарното покачување на пензиите, што е предизборно ветување на новата Влада, е првпат по неколку години. Досега пензиите се усогласуваа со растот на платите и трошоците на живот.
Собранието на 12 септември ги усвои измените на Законот за пензиското и инвалидското осигурување со кои се овозможи линеарно зголемување на пензиите. Законските измени беа донесени со 78 гласа „за“, по скратена постапка.
За исплата на пензиите до крајот на годинава со ребалансот на Буџетот се обезбедени дополнителни пет милијарди денари. Од тој износ, 2,5 милијарди денари се средства кои се трансферираат дополнително во Фондот за пензиско осигурување заради реализација на најавеното линеарно зголемување.
kurir.mk