Над 25 илјади молњи регистрирани во големото невреме во Франкфурт

Централните и јужните делови на Германија повторно беа погодени од тешко невреме. Посебно погодена од поројни дождови, грмотевици и силните ветришта беше сојузната покраина Хесен. Противпожарните служби мораа да интервенираат во стотици случаи. Метеоролозите во Хесен во периодот од 20:40 до 21:40 часот регистрираа вкупно 25.289 молњи. За споредба во целата 2022 година во целата покраина биле забележени 11.566 молњи.

Меѓу 20:00 и 23:00 часот, метеоролошката служба во Хесен регистрираше врнежи од дожд до 60 литри на квадратен метар , на пример на аеродромот во Франкфурт.

Поплавена писта
Поради овие поројни врнежи, пистата на аеродромот во Франкфурт беше привремено поплавена, како што вечерта потврди аеродромскиот оператор Фрапорт. Патниците кои пристигнувале не можеле да ги напуштат своите авиони. Патниците на авионот на Луфтханза од Атина, кој слетал во 20 часот и 30 минути, можеле да го напуштат авионот дури околу 23 часот.

Работата на аеродромските служби беше целосно запрена повеќе од два часа, изјави портпаролот на аеродромот. Поради тоа, 34 авиони не можеа да полетаат навреме. Други летови веќе беа откажани од самите авиокомпании.

Околу 70 откажани летови беа забележани на веб-страницата на аеродромот пред да започне ноќната забрана за летови во средата навечер. 23 планирани пристигнувања беа пренасочени и на други аеродроми поради забраната за ноќни летови. Според првичните проценки на аеродромот, четирицифрен број патници биле погодени од проблемите.

 

DW