Модната икона Ирис Апфел, која важи за „најстарата инфлуенсерка“, е родена на 29 август 1921 година и денеска го прослави 102. роденден.
„Кој би рекол“, напиша таа во описот на денешната објава на Инстаграм, каде ја следат речиси 3 милиони корисници.
Оваа њујорчанка е добро познато име во модните кругови. Ирис Апфел е американска бизнисменка, дизајнерка на ентериер и модна икона.
Кога сè уште била мало девојче, таа патувала со воз за да пазарува во локалните антикварници и уште тогаш почнала да создава сопствена колекција на впечатлив накит, по кој и ден-денес е препознатлива, пишува „Индекс“.
„Секоја недела одев во различен дел од градот. Почнав да лутам низ антикварниците и се фасцинирав од сето тоа старо ‘ѓубре’“, изјави таа за „Гардијан“ во една прилика.
Како млада девојка, Ирис работела за модното списание „Women’s Wear Daily“, заработувајќи 15 долари неделно.
Во февруари 1948 година, таа се омажила за Карл Апфел, а две години подоцна основале текстилна компанија наречена „Old World Weavers“ и ја воделе додека не се пензионирале во 1992 година.
Работела за девет американски претседатели
Што се однесува до дизајнот на ентериер, таа работеше во Белата куќа за дури девет американски претседатели: Хари Труман, Двајт Ајзенхауер, Џон Ф. Кенеди, Линдон Џонсон, Ричард Никсон, Џералд Форд, Џими Картер, Роналд Реган и Бил Клинтон. Тие, како што рекла еднаш, биле нејзините најлесни клиенти.
„Секој, но секој ентериер што го уредивме беше различен од претходниот“, изјави таа во една прилика.
Таа има своја кукла Барби
Компанијата за играчки „Мател“ пред пет години направи кукла Барби врз основа на оваа модна икона, со што Ирис стана најстарата личност која доби кукла моделирана по неа.
На 97-годишна возраст, таа стана модел на повик на Томи Хилфигер, потпишувајќи договор со агенцијата „Ај-ем-џи“, која ги застапува Жизел Бундшен и Џиџи Хадид.
Денес, Ирис ја носи титулата „најстара инфлуенсерка на светот“. Нејзините објави ги следат речиси три милиони луѓе. Ирис ги радува своите следбеници со модни комбинации, во кои го комбинира неспоивото – елементи од различни култури, но и евтини со скапи парчиња облека.
„Повеќе е повеќе, а помалку е досадно“, е една од нејзините најпознати изјави.
Отсекогаш сакала да купува евтини работи и никогаш не ѝ пречела цената. Исто така, таа изјавила дека никогаш не би платила 700 долари за чанта бидејќи мисли дека не би требало да биде толку скапа.
Линдзи Лохан еднаш побара од неа да биде нејзин личен стилист, но Ирис одбила.
„Не можам да им кажам на луѓето како да имаат стил. Стилот не се купува со пари. Тоа е инстинкт. Не можете да се преправате дека сте некој што не сте и нема да изгледате добро ако некој ви каже што да купите. Прво мора да научите кои сте“, изјавила таа.
Имаше изложба во најпознатиот музеј во светот
За неа беше голема чест кога во 2005 година кустосот на Музејот на уметноста „Метрополитен“ , Харолд Код, ја покани да ја изложи својата позната збирка накит.
„Таа е една од најживописните личности во светот на модата, текстилот и дизајнот на ентериер, која 40 години негува личен стил, кој е и духовит и многу идиосинкратски“, истакнаа тогаш од Музејот.
Во Музејот биле изложени дури 82 нејзини комбинации.
iportal.mk