Во Виетнам денес има премалку жени. До пред неколку години, родителите биле загрижени ако нивната 20-годишна или 25-годишна ќерка уште не била мажена. Се зборуваше дека неа „е неможно да ја продадат“. Во меѓувреме односот на понудата и побарувачката, да останеме при трговскиот вокабулар, се промени. Сега мајките се загрижени поради своите синови. Дали образованието на синот е доволно? Заработува ли тој доволно?Знае ли да се однесува пристојно? Ако не исполнува одредени услови, паѓаат неговите шанси за наоѓање сопруга.
Во Виетнам во старосната група до 19 години има дури 1,2 милиони повеќе момчиња од девојчиња, покажа пописот на населението во 2019 година. Во светот има малку има земји со таков драстичен сооднос. На пример, ист проблем имаат денес и Кина и Индија. За мажите кои не можат да најдат сопруга, општествените последици се драматични, но најтешко им е на жените, зашто како баран „производ“ често се изложени на зголемени притисоци.
Момчињата имаат предност
За тој несразмерен однос на половите студија под наслов „Полова нерамнотежа во Виетнам“ од 2018 година наведува три причини:
Прво, тоа е давањето предност на машките деца. Во Виетнам девојчињата традиционално вредат помалку од момчињата. Доминантниот конфучијанизам пропишува строга поделба по полови и подредена улога на жената. Жената со мажењето влегува во фамилијата на мажот и со тоа е „загубена“ за нејзината фамилија. А бидејќи државата не пружа социјална сигурност, за старите родители мора да се грижат децата, значи синовите.
Втора причина е големата раширеност на пренатални медицински прегледи со кои е можноутврдување на полот на нероденото дете.Денес 83 проценти од трудниците во Виетнам го знаат полот на детето пред раѓањето, објавија ОН во 2021 година. И тоа иако владата во 2003 година забрани користење ултразвук за утврдување на полот.
И трета причина: виетнамската влада поради наглиот раст на бројот на население во 1988 година воведе политика на две деца, која за волја на вистината не се спроведува толку строго. Бидејќи секое семејство сака син кој ќе ја продолжи лозата и ќе се грижи за старите родители, чести се абортуси кај втората или третата бременост ако се утврди дека нероденото дете е од женски пол.
Трговија со луѓе и нестабилност
Куат Тху Хонг, директорка за социјални развојни студии во Ханој, за Дојче веле вели: „Виетнамските жени се под огромен притисок да родат син. Ако не успеат, веројатно е дека сопругот и неговата фамилија ќе се однесуваат лошо кон нив, посебно во руралните средини.“
Значи, оваа нова ситуација нема за последица, како што можеби би се очекувало, подобрување на положбата на жените, туку сѐ понемилосрдна конкуренција. Жените сѐ почесто се жртви на „присилен брак, трговија со луѓе и други форми на насилство кон жените и девојчињата“, пишува во студијата „Половата нерамнотежа во Виетнам“. А тука се и сѐ пораширената проституција и други облици на сексуално искористување. Истовремено постои зголемен ризик од социјални немири, бидејќи расте бројот на социјално и сексуално фрустрирани мажи.
Ситуацијата и натаму ќе се влошува, зашто нееднаквоста ќе расте ако владата не успее нешто да преземе. Релативниот вишок на мажи на возраст од 20 до 29 години од сегашните 3,5 проценти до 2059 година ќе порасне на 10 проценти, проценуваат ОН. Значи, статистички гледано, секој десетти маж нема да може да најде сопруга.
Добри закон, но слаба социјална држава
За да се спречи тоа, нужен е цел пакет мерки, вели за ДВ Куат Тху Хонг, додавајќи дека мора да се промени и повеќевековното културно наследство. За тоа се нужни закони, образование и силна социјална држава, истакнува експертката.
Виетнамскиот парламент во 2006 година усвои Закон за рамноправност, а во 2013 година забраната на дискриминација врз основа на пол е внесена дури и во Уставот. Владата моментално ја спроведува веќе втората десетлетна „Национална стратегија за рамноправност на половите“. Куат Тху Хонг е уверена: „Постои силна политичка волја на владата во Виетнам за поттик на родовата рамноправност“.
Доста е порасната свеста за проблемот, истакнува научничката: „Денес луѓето се свесни дека рамноправноста на половите е добра работа, но културата и традицијата уште се многу силни.“ Дека нешто се менува во главите на луѓето, покажува и новата грижа на родителите дека нивните синови нема да најдат жена.
Но, самите закони и свеста не се доволни, нужни се и финансиски промени. „Додека не го подобриме социјалниот систем, промената нема да оди доволно далеку“, предупредува Куат Тху Хонг. Децата треба да бидат ослободени од материјалната одговорност за нивните родители. За да се постигне тоа, повеќе Виетнамци мора да бидат интегрирани во пензискиот систем. Денес само една третина од постарите примаат пензија.
Без оглед на одредени пречки, Куат Тху Хонг сепак гледа промени кои одат во вистинска насока. Големата разлика во полот кај новородените деца достигна кулминација меѓу 2003 и 2013 година, а лани беше нешто помала. Тој тренд сега мора да зајакне, истакнува виетнамската научничка.
DW