(ФОТО) Ѓоковиќ потпиша македонско знаме по историскиот пласман во полуфиналето

Новак Ѓоковиќ по 13-ти пат во својата кариера се пласираше во полуфиналето на Ју-Ес Опен, па сега е на само два чекори од 24-та грен слем титула во својата кариера.

Србинот се врати на тронот на светскиот тенис уште во воведното коло во Њујорк, но јасно е дека негова главна цел е трофејот на Флешинг Медоус, кој е се поблиску до него после денешната победа.

Ноле не му даде никаква шанса на Тејлор Фриц и славеше со 6:1, 6:4 и 6:4 во три сета, во кои играше против домашниот тенисер, но и најголем дел од публиката на трибините.

Сепак, имаше и такви кои го бодреа Србинот, а еден од нив бил и среќен Македонец кој успеал да извлече и потпис од својот идол.

Српски „Телеграф“ откри дека Ноле се потпишал на македонското знаме и го израдувал фанот од нашата земја, што е само уште една потврда дека Ѓоковиќ ја цени секоја поддршка која ја добива од Македонија.

Инаку, Ѓоковиќ со оваа победа влезе во 47-то грен слем полуфинале во кариерата, со што испиша историја и го мина Рожер Федерер како прв на вечната листа.