Амбасадата на САД во Скопје допрва ќе ги разгледува измените на Кривичниот законик кои предвидуваат намалување на казните за злоупотреба на службената положба и за злосторничко здружување, а кои вчера по скратена постапка, беа усвоени во парламентот.
-Не ги видовме измените на Кривичниот законик неодамна воведени во парламентот. Со нетрпение очекуваме да ги разгледаме и се надеваме дека се усогласени со меѓународните стандарди и правните процеси, велат од Амбасадата на САД за ТВ 24.
Делегацијата на Европската Унија, пак, вчера порача дека сè уште не може да коментира за употребата на знамето на ЕУ во овој конкретен случај.
– Делегацијата на ЕУ ги разгледува предлозите објавени вчера на веб-страницата на Парламентот врз основа на стандардите и нормите на ЕУ. Сè уште не можеме да коментираме за употребата на знамето на ЕУ во овој конкретен случај, но потсетуваме на општото правило дека употребата на оваа постапка треба да биде ограничена на предлози кои го усогласуваат домашното законодавство со стандардите и нормите на ЕУ, кажаа од Делегацијата на ЕУ, за ТВ 24.
Вчера со 48 гласа „за“, 36 „против“ и еден „воздржан“, Собранието на 125. Пленарна седница ги донесе измените и дополнувањата на Кривичниот законик. На гласањето му претходеше жестока дебата.
извор: ТВ 24.