Државјани на Косово неовластено со мотори влегле во Македонија на Шар Планина

При вршење теренска контрола службите на Ј.У.Н.П. Шар Планина во соработка со службите на Министерството за Внатрешни Работи, во текот на вчерашниот ден, затекнаа четири лица државјани на Република Косово кои нелегално ја поминале границата со крос мотори движејќи се по високопланинските пасишта на територија на Национален парк Шар Планина во зоната на строга заштита.
Поради основно сомнение дека се направени прекршувања на повеќе закони меѓу кои и Законот за заштита на природата, лицата беа приведени, а крос моторите одземени и предадени на соодветните државни органи.
Движењето на моторни возила во зоната на строгата заштита е строго забрането и казниво по закон поради деградацијата на почвата и вознемирувањето на заштитените диви животински видови.
⛰️
Согласно Законот за прогласување на дел од Шар Планина за Национален парк, Јавната установа Национален парк Шар Планина, Република Северна Македонија е должна на територијата на Националниот парк Шар Планина да ја спроведе заштитата на природното наследство.
Со цел да се овозможи мир на дивите животни, заштита на природата и ресурсите во приватна сопственост како и уживање на љубителите на природата во Национален парк Шар Планина, за движењето со моторни возила на територија на НП Шар Планина е воспоставен режим на движење. Патиштата на кои е воспоставен режим на движење се претставени на карта, која е подготвена во согласност со Планот за управување со Националниот парк и Законот за заштита на природата.
Картата на која се прикажани патиштата по кои е дозволено движење на моторни возила е поставена на информативните табли во паркот и објавена на следниот линк https://www.sarmountain.org.mk/karti-mapi
⛰️
Потсетуваме, зоната на строга заштита претставува дел со највисок интерес за заштита, што се карактеризира со изворни, неизменети карактеристики на екосистемите или има сосема мали промени како резултат на традиционални управувачки практики. Зоната за строга заштита е составена од 5 посебни единици, ги опфаќа највисоките делови на Шар Планина кои се граничат со Република Косово т.е. Националниот парк Шара во Косово. Во оваа зона се наоѓаат најзначајните екосистеми и живеалишта: глацијални езера, тресетишта, високопланински пасишта, алпски камењари, вриштини со боровинки, смреки и Empetrum, најзначајните шумски екосистеми; како и значајните предели и најголем дел од значајните видови, особено од васкуларните растенија, дијатомеите, дневните пеперутки итн.
НП Шар Планина