Плусинфо: ПОДГОТВЕН НОВ ЗАКОН ЗА АМНЕСТИЈА Нема да важи ни за Груевски, ни за функционерите, а ни за осудените за 27 април

Нов предлог-закон за амнестија, по скратена постапка, доставило Министерството за правда, дознава Плусинфо од партиски извори.

Законот предвидува намалување на затворските казни за 30% за правосилно осудени сторители на кривични дела. Законот не ги опфаќа т.н. високопрофилни случаи, меѓу кои се и пресудите за поранешниот премиер Никола Груевски, за кои се шпекулираше дека ќе бидат опфатени со амнестија.

Законот исто така не ги опфаќа и осудените за настаните на 27 април 2017 година во македонскиот парламент, наспроти шпекулациите дека СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се пазарат за евентуална амнестија на овие случаи, како наводен услов опозицијата да ги поддржи уставните промени.

Конкретно, со овој закон се уредува ослободување од извршување на казна затвор:

– на лицата осудени со правосилна пресуда на казна затвор за кривични дела пропишани со Кривичниот законик или други закони, кои на денот на влегувањето во сила на овој закон започнале или не започнале со издржување на казната затвор во казнено-поправните установи во Република Македонија,

– на лицата осудени со правосилна пресуда на казна затвор за кривични дела пропишани со кривични закони на друга држава доколку сторителот е државјанин на Република Македонија и казната ја издржува во Република Македонија врз основа на извршување на кривична пресуда на странски или меѓународен суд и истата е признаена со пресуда на надлежен суд во Република Македонија.

Во членот 2 од Законот се вели дека осудените лица на кои им е изречена казна затвор до 6 месеци, потполно се ослободуваат од издржувањето на казната. Осудени лица на кои им е изречена казна затвор над 6 месеци, се ослободуваат од издржување на 30% од целокупната казна изречена со правосилна пресуда.

Осудените лица на кои со правосилна пресуда им е изречена единствена казна затвор, се ослободуваат од издржување на единствената казна затвор за 30% во делот на претходно утврдените поединечни казни опфатени со амнестија. Доколку во единствената казна затвор е утврдена казна затвор за кривично дело кое не подлежи на амнестија, осудениот ќе се ослободи од издржување на казната за 30% само во делот на претходно утврдените поединечни казни опфатени со амнестија.

Амнестијата не се однесува на лицата осудени со правосилна пресуда:

– на казна доживотен затвор,

– за кривично дело Убиство од членот 123 од Кривичниот законик,

– за кривични дела против изборите и гласањето членовите од 158 до 165-в од Кривичниот законик,

– за кривични дела против половата слобода и половиот морал членовите од 186 до 194-а од Кривичниот законик,

– за кривични дела против државата членовите од 305 до 327 од Кривичниот законик,

– за кривични дела против јавниот ред членовите од 394 до 394-г од Кривичниот законик,

– за кривичните дела против човечноста и меѓународното право членовите од 403 до 418-а и од 418-в до 422 од Кривичниот законик,

– за кривичните дела ,,Злоупотреба на службената положба и овластување“ од член 353, „Несовесно работење во службата“ од член 353-в, сите од кривичниот закон,

– за кривични дела сторени при вршење на семејно насилство и родово-базирано насилство.

Амнестијата не се однесува на лицата кои делата предмет на амнестија ги сториле по 1 септември 2023 година.

Амнестијата не се однесува и на лицата кои во време на сторување на делата предмет на амнестија биле избрани и именувани лица во Република Северна Македонија.

Амнестијата не се однесува и на лицата кои биле амнестирани согласно Законот за амнестија (Службен весник на Република Македонија бр.11 од 18.01.2018), за кривичните дела за кои биле амнестирани согласно наведениот закон.

Амнестија не се однесува и на правосилно осудени лица за кои до денот на влегувањето во сила на овој закон е наредено издавање на потерница поради нивна недостапност на органите на кривичниот прогон.

Текстот во целост на: Плусинфо