НАСА откри знак за можен живот на далечна планета

На џиновска планета која се наоѓа на 120 светлосни години од Земјата можно е да има голема количина вода, според новите докази кои ги откри Вселенскиот телескоп „Џејмс Веб“.

Истрагата на оваа вселенска опсерваторија, која е еден од најнапредните астрономски инструменти кои во моментов се во функција, открива дека егзопланетата К2-18б можеби поседува некои од клучните услови на планета која има вода и живот, пренесе Си-Ен-Ен.

Оваа планета орбитира блиску до џуџестата ѕвезда К2-18 и е 8,6 пати поголема од Земјата. Анализата на „Џејмс Веб“ покажува дека планетата има големо количество на метан и јаглерод диоксид во нејзината атмосфера.

Присуството на овие јаглеродни молекули, заедно со недостатокот на амонијак, може да индицира на атмосфера која е богата со водород кој опкружува свет полн со океани, велат од НАСА. Јаглеродот се смета за основниот градежен блок на на животот на Земјата.

Првично Телескопот „Хабл“ има забележано докази за водена пареа во атмосферата на оваа егзопланета и токму тие откритија, опишани во студија од 2019 година, помогнаа научниците да се сконцентрираат на К2-18 за понатамошна анализа. „Џејмс Веб“, кој може да регистрира инфрацрвено светло невидливо за човечкото око, бараше точно какви елементи се присутни во атмосферата на планетата. Последните опсервации исто така сугерираат дека на планетата е присутна многу специфична молекула, наречена диметил сулфид.

„На Земјата диметил сулфидот единствено се произведува од животот. Најголемиот дел од овие молекули во земјината атмосфера се испуштаат од фитопланктоните во водените средини“, велат од НАСА.

Научниците велат дека во овој момент не сугерираат дека на К2-18б има вонземски живот, бидејќи за тоа се потребни дополнителни истражувања со кои би се потврдило присуството на диметил сулфидот. Но, дури и доколку научниците го потврдат присуството на ова хемиско соединение, тоа не гарантира дека таму постои некаква форма на живот. Сепак овој доказ е важен бидејќи го проширува знаењето за егзопланетите слични на К2-18б.

Откритијата покажуваат дека најверојатно се работи за „Хицеанска егзопланета“, теоретски вид на вонсончева планета која е топла, но е покриена со океани и има атмосфера богата со водород. А, таму каде што има течни океани, има и шанса за живот. Сепак научниците не се сигурни дали ваквите Хицеански планети можат воопшто да одржат живот. Во студија објавена во август во Астрофизичкиот журнал, се укажува дека ваквите планети би имале тежок ефект на стаклена градина.

Досега нема потврдено постоење на Хицеански егзопланети, а во нашиот Сончев систем нема планета која е слична на К2-18б, што ги прави ваквите планети малку истражени.

„Природата на нивните атмосфери уште е предмет на активна дебата меѓу астрономите“, велат од НАСА во соопштението до јавноста.

извор: Си-Ен-Ен