Мицкоски: Законот за аболиција со која ги ослободуваат и осудените од Монструм, ќе го блокираме, а ако го злоупотребат европското знаменце ќе побарам да ја напуштиме работата на собранието

И оној срамен Закон за амнестија на криминалци кој сега го поднесоа е само показател за очајот во кој се наоѓаат. Прво си донесоа по скратена процедура, злоупотребувајќи го европско знаменце Закон за измена на членовите на КЗ со кои сакаат да мислат дека се заштитени по падот од власта, а сега пред изборите прават сценарио за слобода на голем дел криминалци, мислат дека тие ќе им помогнат во изборната кампања.  Ковачевски морам да признам, плаќа висока цена за својата коалиција, и силно го деградира нашето општество каде принципот на неказнивост стапува на сила, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во својот говор на втората годишна конференција на Унија на ветерани.

Мицкоски истакна дека криминалците во Македонија не се плашат од одговорност, зошто самата влада продуцира неодговорност, а од друга страна со мирна совест излегуваат и си велат дека следеле европски практики, а никаде во Европа нема терористи да ви убијат 5 луѓе од кои 4 деца како што беше случајот со Смилковското езеро и сега нивните џелати да ги пуштаат на слобода со Закон за амнестија.

„Ќе ве потсетам ако се сеќавате велеа „нема правда нема мир“, ветуваа дека ќе се дознаела вистината за убиството за Смилковското езеро, организираа протести, заведуваа народ, ги лажеа родителите на настраданите, за да сега истите тие се борат за нивната слобода. Да излезат тие и стотици други кои правеле разбојништва, кражби, перење на пари и слично. Ова се последните очајни крици на власта. Овој закон за слобода на криминалци меѓу кои и оние од Монструм за кој нема европско знаменце што значи нема скратена процедура ќе мора да се дискутира во парламентот за него по стандардна процедура ВМРО-ДПМНЕ отворено кажува дека ќе го блокира“, рече Мицкоски.

Мицкоски додаде дека ако решат да ги злоупотребат своите овластувања, како што тоа го направиле досега многупати, и повторно злоупотребат скратена процедура и европско знаменце на овој закон, тогаш ќе побара од Извршниот комитет и Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ поддршка за одлуката пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата да ја напуштат работата на Парламентот.

„Нема да дозволиме тие да ја убиваат правдата, и да не го слушаат народот. Во тој случај само нивен ќе биде срамот и одговорноста. Ова е порака и до меѓународната заедница поактивно да се позанимава со тоа што работи оваа влада. Затоа што оваа држава не постои само за едно прашање уставните измени, додека милион други теми, важни за народот поминуваат без никаков притисок и коментар од нивна страна. Тоа мора да се смени. Мора да се одбранат принципите на право, правда и правна држава, зошто ако тоа не се случи, тогаш можам да констатирам дека ние држава немаме“, истакна Мицкоски.

извор: ВМРО ДПМНЕ