По експлозијата во Анкара, турските воздухопловни сили нападнаа цели во курдските области во Ирак

Бомбардирани биле делови од областа Брадост, како и селото Бадран, како што за новинската агенција АФП во неделата вечерта изјави Ихсан Чалаби, градоначалникот на градот Сидакан, кој е блиску до границите со Турција и Иран.

Турското Министерство за одбрана соопшти дека биле бомбардирани 20 позиции на забранетата Курдистанска работничка партија (ПКК) во северен Ирак.

„Извршивме воздушни напади против ПКК и други терористички елементи во регионите Метина, Хакурк, Кандил и Гара во северен Ирак со цел да се спречат терористички напади од северен Ирак врз нашето население и нашите сили за безбедност и да се обезбеди сигурноста на нашите граници“, се вели во соопштението.

Во неделата наутро двајца полицајци беа полесно повредени по самоубиствениот бомбашки напад пред Министерството за внатрешни работи во Анкара. Еден бомбаш-самоубиец се разнесе, додека друг беше убиен од полицијата, а за нападот одговорноста ја презеде ПКК.

Турција оцени дека станува збор за терористички чин – претседателот Реџеп Таип Ердоган истакна дека терористите никогаш нема да ја постигнат својата цел во неговата земја.

Курдскиот медиум „Рудав“извести за воздушните напади во северните ирачки планини Кандил, кои се сметаат за упориште на ПКК во близина на границата со Иран.

Турската армија редовно ги напаѓа борците на ПКК и нивните позиции во северен Ирак. ПКК се бори против турската држава од 1984 година и е класифицирана како терористичка организација од Анкара и од страна на западните сојузници. Во конфликтот веќе се убиени десетици илјади луѓе.

 

 

DW