Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи смета дека граѓаните најмногу реагираат за зголемувањето на ДДВ-то од 5 на 10 отсто за 10 прехранбени производи од вкупно 2.000 групи на производи кои се опфатени со одлуката и вели дека нема никаков проблем Владата уште на наредната седница во вторник да направи измена на одлуката за тие производи.
-Има одредена реакција за одредени продукти. Штом ја добиеме таа листа на продуктите веќе во вторник кога имаме закажана седница на Влада може да се ревидира одлуката. Но, сметам дека досега реакциите се од прилика за 10 до 15 продукти, не гледам голем проблем за 10-ина продукти да има корекција, рече Битиќи во одговор на новинарско прашање пред почетокот на Економскиот форум „Од криза до решенија: Станавме ли поотпорна економија денес?“ во организација на Фајнанс тинк.
Знам, посочи, дека граѓаните имаат навики на храна, но одредени продукти ако во овој момент ги сметаме дека треба да бидат во стапката од 10 отсто оставаме простор да се ревидираат ако се дел од секојдневната исхрана на граѓаните.
-Навистина не влегуваме во дефинирање што е луксуз, за кого е луксуз. Може да е пропуст во еден момент, може да не е. Од реакциите што ги гледам од вчера граѓаните најчесто реагираат за 10 производи од 2.000 групи на производи коишто се опфатени со одлуката. Затоа сметам дека за 10 производи нема никаков проблем да направиме измена на одлука, рече Битиќи.
Не е вистина, додаде, дека има зголемување на цена за илјада производи и тоа го кажувам и цврсто стојам на тоа затоа што се опфатени 358 категории на производи.
-Дел од нив се опфатени со мерките за намалување на цените и без разлика што има зголемена даночна стапка кај одредени производи ќе останат на истата референтна цена која што спаѓа под одлуката така што нема да биде толкаво покачувањето. Врз основа на она што наслушнав досега има три одлуки на одредени производители со иста цена да останат продуктите коишто се со ревидирана цена, дел се зголемуваат. Ги поттикнувам сите стопански комори, сите производители, па и граѓаните до соодветните институции да пратат предлози за кои производи да испаднат во предлог-одлуката за изменување на стапката на ДДВ и соодветно ќе го направиме тоа, прецизира Битиќи.
Посочи дека константно се носат мерки за да се ублажи инфлацијата, која, како што кажа има тренд на намалување и до крај на годината во делот на храната ќе стигне на ниво од 5 отсто.
-Јас би сакал таа да е на ниво на нула отсто, но тоа не е возможно затоа што во еврозоната инфлацијата е скоро на иста стапка како и во Македонија, потенцира Битиќи.