Од денеска повторно нови и повисоки цени во маркетите – две недели откако околу 50 производи се намалија за најмалку 10 проценти, сега повторно нов ценовен шок за граѓаните. Од денеска во маркетите околу 1 000 производи се со повисоки цени бидејќи, данокот на додадена вредност (ДДВ) за нив се зголемува од 5 на 10 проценти.
Од Владата претходно, кога и беше најавена оваа мерка, соопштија дека во неа ќе бидат опфатени само луксузните продукти, меѓутоа сликата во маркетите е поинаква. Од изутрината на 6 ти Октомври по нови повисоки цени се продаваат и производи како цвеклото, мајонезот, лутеницата, компоти, сите видови апетисани, конзервирана храна, но и храна за деца, објави slobodnaevropa.mk.
Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи објасни дека дел од овие цени ќе треба да се ревидираат, а потенцираше и дека ако има некакви пропусти, на следната владина седница ќе бидат решени.
„Ако трговците и производителите поинаку ја прочитале или не е доволно јасна, некој не знае дали, на пример, кравјото сирење треба да влезе во 5 или 10 отсто, можеме да објасниме и на следната владина седница такви пропусти, ако има, да ги решиме. Мора да кажеме што е тоа што сметаме дека треба да го стимулираме. Граѓаните имаат навики за храна, но одредени продукти, ако во овој момент сметаме дека треба да бидат во стапката од 10 отсто, оставаме простор да се ревидира ако тоа е дел од секојдневната исхрана на граѓаните. Сметам дека може да има поинакво толкување на одредени царински стапки, на одредени продукти, затоа што не е целосно јасно“, изјави Битиќи.
Од друга страна пак, од опозициската ВМРО-ДМНЕ веднаш упатија повик до власта сите производи кои се дел од секојдневната употреба, а се наоѓаат на листата на производи со повисоки цени од денеска, да се оданочуваат со 5 отсто ДДВ наместо 10.
„Во листата на производи што од денес ќе биде со 10% наместо 5% ДДВ се наоѓаат и прехранбени производи кои се со замрзнати цени до 30 ноември оваа година. Ова се производи од секојдневието на секој од нас, кои Власта одлучи да ги поскапи. Живее во време на двоцифрена инфлација изминативе две години која е особено висока кај храната и надминува 30%, а кај некои прехранбени производи и над 50%. Ја повикуваме Владата уште денес да свика седница и да си ја корегира листата и сите производи кои се дел од секојдневието на граѓаните да ги врати со стапка на ДДВ од 5%“, изјави пратеникот Бојан Стојаноски од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Што се случува со цените на основните производи?
На 20 септември, во земјава стапи на сила одлуката – цените на околу 50 производи да се намалат за најмалку 10 проценти, во однос на цените применувале на 1 август 2023 година.
Овде влегуваат повеќе видови производи меѓу кои се и брашното, лебот, месото, овошјето и зеленчукот.
Слична одлука подоцна беше донесена и за пијалаците, па дел од нив ,исто така, треба да бидат поевтини за најмалку 10 проценти, во однос на цените до 19 септември.
Дали со овие мерки потрошувачите чувствуваат „олеснување“ и реално поевтинување на цените ги прашавме и граѓаните.
„Ништо не е поевтинето, посебно млечните производи, јок, ништо“, вели пензионерката Филчева Пепи за РСЕ.
„Ма какво поевтинување, нека не лажат од Владата, нека не лажат, само црвени налепници, и се е покачено“, вели друга револтирана граѓанка која сакаше да остане анонимна.
Други граѓани со кои разговаравме пак, не гледаат логика ниту во изборот на Владата за тоа кои производи треба да поевтинат.
„Меѓу производите кои поевтинуваат е и кока колата, ја намалиле за 10 проценти, браво, сега сите граѓани ќе пиеме кока кола“, вели Слободан Ангелов.
Инфлацијата опаѓа, потрошувачката кошничка расте
Инфлацијата во март 2023 година во земјава изнесувала 14,7 проценти, додека индексот на трошоци за живот во август пак, изнесувал 8,3 проценти, што претставува намалување на инфлацијата за 6,4 проценти во последните шест месеци.
Но, што се случува со цените на основните прехранбени продукти?
Покрај генерално намалената инфлација, статистичките податоци покажуваат дека во споредба со јули, трошоците за живот во август пораснале во повеќе сегменти – овошјето во август било поскапо за 7,8 проценти во однос на јули, сирењето и урдата за 3,2 отсто, додека млекото во август забележало пораст на цената од 2,6 отсто во однос на јули.
И податоците на Сојузот на синдикати на Македонија даваат слика за тоа дека и покрај тоа што инфлацијата од месец во месец се намалува, потрошувачката кошничка за четиричлено семејство и натаму останала на речиси идентично ниво – односно во последните шест месеци таа се движи од над 48 000 до нешто повеќе од 50 000 денари.
Просечната плата пак според последните податоци од Државниот завод за статистика за јули била над 36 000 денари што значи дека една плата не е доволна ни за основната потрошувачка кошничка.
Сите податоци се одраз на зголемувањето на цените на основните производи, кои, уште од стартот на економската криза, пред година и половина се зголемиле за дури 46 проценти.
Тогаш беше криза, цената на енергенсите беше висока, па беше и прифатливо да растат и цените на прехранбените производи. Но, потоа, цените на светските берзи на струјата, горивата, храната паѓаа, но не и кај нас. Зошто?
Ставот на Владата беше дека ова се случува поради нечесниот и картелски однос на дел од трговците, па следуваа сет мерки за ублажување на инфлацијата, но не и мерки против монополскиот однос на некои трговци.
Сите овие мерки за намалување и замрзнување на цените пак, се со важност до 30 ноември, па допрва ќе треба да се види дали ќе вродат со плод и ќе донесат до нормализирање на цените на основните продукти.
Извор: slobodnaevropa.mk.