Спасовски за „360 степени“: Разбивме голем број криминални нарко групи, фентанил засега не е најден кај нас

Во интервјуто за „360 степени“ на МТВ министерот Оливер Спасовски беше запрашан и за неколкуте акции за разбивање на дилерски мрежи реализирани во минатиот период и, конкретно, дали во земјава е пристигната дрогата „Фентанил“ за која многу се зборува на глобално ниво и која претставува синтетички опијат 50 пати појак од хероинот.

„Што се однесува до недозволената трговија со дрога, уличното дилерство и слично, тоа е еден од врвните приоритети на МВР, како што се миграцијата, тероризмот, сајбер криминалот, и по тој приоритет постапуваме на цела територија на државата. Морам да кажам дека најголемите количини на заплена на дрога, сепак, отпаѓаат на меѓународните транспорти, а коишто практично ги откриваме на нашата територија, по наша информација или во соработка со околните држави на територија на соседството. Фентанилот досега не е откриен на територијата на државата, а најчесто откриваме кокаин, хероин и некои други синтетички дроги“, објасни министерот Спасовски.

На шпекулациите дека активностите на полицијата се насочени кон чистење на едни дилерски мрежи за ослободување место за други, министерот потенцираше дека самите факти и досегашни бројки на заплена на дроги и дилери кои се лишени од слобода, со поднесени кривични пријави и определен притвор, укажуваат дека таква констатација не може да биде точна.

„Погледнете ги оние коишто сме ги уапсиле, постојат од една, од втора, од трета група којашто се споменува во јавноста. Практично, тие се целосно разбиени како мрежи и како структури. Секогаш ќе има обиди некој друг да се наметне во средината за да не остане тој простор празен, но се работи многу интензивно на ова прашање како врвен приоритет. Инаку кога зборувам за меѓународните транспорти, тие најчесто не се поврзани со тие групи коишто се тука низ улицата, туку транспорт на опојни дроги коишто поминуваат низ територијата на државата и тука имаме најголеми заплени. Кога зборуваме за уличното дилерство и за пронаоѓање на количини за дистрибуција низ територијата, скоро и да нема ден во којшто практично не се апсат таквите препродавачи на дрога“, беше дециден министерот Спасовски.

извор:МВР