Познато е дека за промени во Европската унија е потребно доста време: уште во 2018 година, 84 проценти од испитаниците гласаа за укинување на поместувањето на стрелките на часовниците во онлајн анкета на Европската комисија. Во Германија во анкетата учествуваше речиси 3,8 проценти од населението, што е најголема стапка во Европа. Оттогаш ништо не се промени. А еве како почна…
Се` почна со една шега
Воведувањето на летно сметање на времето во 1784 година го предложил Бенџамин Френклин, еден од татковците на САД – во шега. Живеел во Париз веќе осум години, сакал да игра шах до раните утрински часови и обично спиел до пладне. Во една статија опишал како случајно се разбудил во 6 часот утрото и видел – сонце. И тогаш пресметал колку свеќи и масло за светилки можат да се заштедат ако се помести часовникот. Бидејќи било познато дека Парижаните нерадо ги менуваат своите навики и стануваат порано, би морало да се преземат драстични мерки. За таа цел Париз би требало да ги оданочува ролетните, да го буди населението наутро со топовски плотуни. Тоа била шега, која многу им се допаднала на Французите, им била забавна, а предложената промена на сметањето на времето паднала во заборав.
Дури 100 години подоцна двајца научници, независно еден од друг, предложиле сезонско поместување на часовниците: во 1895 година новозеландскиот астроном Џорџ Вернон Хадсон и во 1907 година британскиот пронаоѓач Вилијем Вилет. Исто така внимателно пресметале колку може да се заштеди – на осветлување, со поместување на стрелките на часовникот. Само Винстон Черчил бил одушевен од таа идеја.
Шегата станува сериозна
Дури кога во 1916 година, среде Првата светска војна, Германија и Австро-Унгарија неочекувано вовеле летно и зимско сметање на времето, тоа го направиле и воените противници Велика Британија, Франција и други европски земји. Кога војната била загубена, Германија во 1919 година го укинала непопуларниот воен реликт. Во Франција селаните со протести успеале да постигнат и таму во 1922 година да се укине летното и зимско сметање на времето. Но, промената на времето повторно е воведена во 2023 година. Велика Британија пак е единствена земја која континуирано се придржува кон летно и зимско сметање на времето.
Промена на времето
Кога повторно почнала војна – Втората светска војна, Германија се сетила на идејата за штедење енергија и повторно вовела летно сметање на времето во 1940 година. Берлинското сметање на времето морало да важи и на окупираните територии. Германија повторно ја загубила војната и промената на сметањето на времето е укината во 1949 година во двете Германии.
Но, кога нафтениот шок во 1973 година ја турна Европа во длабока криза и кога беа воведени забрани за возење, луѓето се сетиле на поместувањето на стрелките на часовникот. Франција е прва западноевропска земја која повторно вовела летно сметање на времето во 1976 година, а од 1980 година тоа го направиле и двете Германии.
Во ЕУ промената на сметањето на времето се применува во сите држави членки (освен прекуморски територии) за околу 512 милиони граѓани и за милиони соседи во Европа.
DW