Мелони „жртва“ на руските пранкери

0
108

Италијанската премиер Џорџа Мелони зборувала за меѓународниот замор од конфликтот во Украина и за недостатокот на поддршка за напорите на Италија да се справи со миграцијата во телефонски разговор со руски пранкери, објави slobodnaevropa.mk.

Снимка од повикот, кој траел 13 минути, беше објавена на интернет на 1 ноември од руските пранкери Вован и Лексус.

Канцеларијата на Мелони соопшти дека жали што таа била измамена од измамник кој се претставувал како шеф на Комисијата на Африканската унија. Се наведува дека повикот се случил на 18 септември во пресрет на средбите со африканските лидери на Генералното собрание на ОН.

Запрашана за војната на Русија во Украина, Мелони, зборувајќи на англиски, вели: „Гледам дека има многу замор, морам да ја кажам вистината, од сите страни. Блиску сме до моментот во кој сите сфаќаат дека ни е потребен излез“.

„Проблемот е да се најде излез кој може да биде прифатлив и за двете страни без да се уништи меѓународното право“, додаде таа.

Осврнувајќи се на позицијата на Италија како прво пристаниште за многу мигранти кои го преминуваат Медитеранот, Мелони изразува жалење што меѓународните партнери не прават доволно за да помогнат.

„Сите се согласуваат дека само Италија треба сама да го реши овој проблем. Тоа е многу глупав начин на размислување“.

Пранкерот Лексус, (Алексеј Стољаров), рече дека Мелони е барем некој кој е подготвен да го сподели своето вистинско мислење.

„За жал, за разлика од неа, многу европски политичари се однесуваат како некој вид програмиран робот и изразуваат гледишта кои се искажуваат само во нивните кругови“, изјави тој за Ројтерс по телефон. Тој зборувал, а Вован со слушал повикот со Мелони, објасни тој.

Мелони, е само дел од светските политичари кои се „жртва“ на руските пранкери, кои лажно се претставуваат по телефон.

Во 2019, тогашниот премиер на Северна Македонија, Зоран Заев соопшти дека и тој разговарал со руските пранкери Лексус и Вован, кои се претставиле како тогашниот украинскиот претседател Петро Порошенко и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

извор: slobodnaevropa.mk