Стојкоски: Институциите да не молчат за опасниот отпад од отровно олово складиран во Орман и да превземаат мерки што е можно побргу

Во вечерашната емисија „За или Против“ на Алфа Тв гостуваше градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски кој што истакна дека проблем број еден е опасниот отпад од отровно олово складиран во Орман а институциите да не молчат и што е можно побргу да дејствуваат во интерес на заштита на животната средина и граѓаните.

„Во делот на заштита на животната средина многу е важно не само за  општината Ѓорче Петров, не само за Скопје, можеби и за државата проблем број еден е опасниот отпад од отровно олово складиран во Орман. Ингеренциите ги има државниот инспекторат за животна средина. Но важно е тоа дека го лоциравме проблемот, течат сите постапки и оние кои што беа од наша страна во моментот целосно законски исполнети. Целата работа ја превзема државниот инспекторат за заштита на животната средина. Чекаме одговори и мерките да ги видиме кои ќе бидат превземани во однос на прекршителите“ истакна Стојкоски.

Стојкоски посочи дека компанија е единствена во тој дел која што се занимава со таков тип на преработка а дали ги има потребните дозволи за да го работи тоа во моментов треба да испитаат институциите.

„Мислам дека таа компанија е единствена во тој дел која што се занимава со таков тип на преработка дали ги има потребните дозволи за да го работи тоа во моментов и тој момент треба да се испита тоа е исто така надлежност на министерството за животна средина, дали ја поседува А интегрираната дозвола за работа со ваков тип на опасни материјали, дали е во постапка и мислам дека треба и на тој момент да се фокусираме “ посочи Стојкоски.

Стојкоски додаде дека се работи за преработки кои што се од олово што е доволно сериозно само по себе и институциите треба да превземаат мерки што е можно побргу.

„Поминаа неколку дена, до сега требаше да се вклучи министерството за внатрешни работи, да се вклучат и други надлежни органи, можеби обвинителството, да се покренат одредени постапки по службена должност бидејќи како што кажав ние имаме право на одредено дејствување до одреден момент понатаму ингеренциите ги превземаат повисоките институции. Како се делува, дали се делува во тој правец со каква динамика не знам но би сакал нештата да се случуваат многу побргу. Се работи за преработки кои што се од олово доволно сериозно само по себе тие истите преработки треба да се депонираат на соодветен таков тип на депонија, таков тип на депонија барем во околината на Скопје нема и не сум сигурен дури и дека има и во Македонија“ кажа Стојкоски.

извор: ВМРО ДПМНЕ