Кој не поминал, не знае дека Чаир е можеби и најраздвижениот дел во Скопје. Не е за изненадување бидејќи густината на населението на еден квадратен километар е околу 18 000 луѓе. Само за споредба, втората општина по густина на населеност во Скопје е Центар со 5 800 жители на еден квадратен километар.
Ајде што Чаир е три пати погусто населен од скопски Центар, туку во изминативе години почнаа да се градат се повеќе и се повисоки нови згради. Многу од нив се на тесни улички или места каде, лаички, не би требало да биде дозволено да се градат толкави градби.
За да не остане само на лаички впечаток дека во Чаир се гради на диво без преседан, се обидовме да провериме и преку факти. Прашавме во Општината- колку одобренија за градба на објекти за домување во станбени згради, односно градби со намена А2, се издадени за периодот 2019-2022 година и за кои парцели.
„Општина Чаир за дадениот период има издадено 8 дозволи за градба на објекти со намена А2“,
ни одговорија од Општината Чаир.
Проверивме на терен дел од тие парцели. Заклучивме дека меѓу поголемите објекти кои се изградени или се градат со дозвола е една од овие станбени згради во Гази Баба, близу подвозникот кај хотелот Континентал. Дозвола е издадена и за комплексот Премиум Резиденс, близу Гинеколошко-акушерската болница во Чаир.
Но, во реалноста, во Чаир се изградени многу повеќе од само осум станбени згради во последниве пет години, за колку што има одобрение. Тој факт води до еден заклучок – во густо населениот Чаир на диво се градат стотици, можеби, илјадници станови.
Локациите на поголемите нови згради што ги видовме при обиколките на терен, а за кои Општината не ни даде податок дека имаат одобрение за градба, потоа ги проверивме низ јавно достапната електронска база на Катастарот. Тоа што се потврди дека станува збор за дивоградби и тоа дел од нив изградени на државно земјиште, беше речиси небитно со друго, далеку поневеројатно откритие.
Увидовме дека дел од новоизградените објекти кои ги проверивме, во меѓувреме се и легализирани, што е потврда дека биле дивоградби. Но, проблемот е што легализацијата на тие објекти воопшто не требало да биде можна.
Законот за постапување со бесправно изградени објекти беше објавен во Службен весник на 24 февруари 2011 година и стапи на сила осум дена подоцна. Во членот 2, став 2, јасно се вели дека легализацијата е можна само за објектите изградени до тој момент:
„Предмет на овој закон се бесправните објекти од ставот (1) на овој член на кои до денот на влегувањето во сила на овој закон се изведени градежните и инсталатерските работи во целост и истите претставуваат градежна и функционална целина“,
пишува во член 2, став 2, од Законот за постапување со бесправно изградени објекти.
И покрај тоа што законски не можело и не смеело да бидат легализирани, еве некои примери кои докажуваат дека во Чаир се случило спротивното.